X
 18.09.2018 Наша тема

Канабис одгледуваат 10 фирми, а масло произведуваат три. Државата на крајот од годината ќе ги брои количините

Маслото со повисока концентрација на супстанции што треба да лекуваат, со лекарски рецепт можат да го користат болни од мултиплекс склероза, епилепсија, малигни заболувања и ХИВ-инфекција

Канабис за медицински цели во земјава одгледуваат 10 фирми. Дозвола за производство имаат добиено уште две. Во моментов Министерството за здравство не знае колку канабис сме произвеле годинава, ниту пак масло од ова растение зашто количините ќе ги брои на крајот од 2018.

- Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, досега им има издадено одобренија за одгледување канабис за медицински цели на 12 правни лица.
Од нив 10 веќе имаат почнато со одгледување. Во однос на собраната сува нето-маса од растението канабис, како и за маслото, вкупните количини се сумираат на годишно ниво, на крајот од 2018 година – велат од Министерството.


Од Агенцијата за лекови и медицински помагала велат дека масло од канабис во моментов произведуваат три фирми. Оттаму велат дека се разговара за промена на законските правила кога станува збор за канабис за лекување.

Во Македонија веќе неколку години е дозволено одгледување на коноп или канабис за производство на опојна дрога за медицински цели, под услови кои се законски oпределени. Маслото со повисока концентрација на супстанции што треба да лекуваат, со лекарски рецепт можат да го користат болни од мултиплекс склероза, епилепсија, малигни заболувања и ХИВ-инфекција.


Кој може да одгледува и како?

Канабис може да се одгледува за медицински и научни цели. Тоа, според правилата, може да го прават само правни лица кои имаат одобрение издадено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија. Одгледувачот треба да има обезбедено соодветен простор, површина или земјиште за одгледување, сушење и складирање, опремен соодветно на производниот, односно преработувачкиот капацитет.

Просторот треба да биде атмосферски заштитен и ограден со ограда висока најмалку четири метри, со бринов елемент пред оградата во котури во три реда и бодликава жица над оградата, како и да има обезбеден 24-часовен видеонадзор над целиот простор. Исто така, треба да има 24 часа физичко обезбедување, а да има и вработено најмалку четири лица од кои најмалку едно да е дипломиран фармацевт. Тој, пак, треба да има најмалку три години работно искуство во областа на фармацијата. Едно вработено лице треба да е агроном-насока поледелство со најмалку три години работно искуство во областа.



Дали се исполнети условите поврзани со просторот, опремата и кадарот за добивање одобрение за одгледување канабис оценува комисија формирана од министерот за здравство. Таа е составена од двајца претставници од Министерството за здравство, еден претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, еден претставник од Агенцијата за лекови и медицински средства и еден специјалист од областа на лековити растенија.

Правила за собирање

Одгледувачот на канабис најдоцна 15 дена пред денот на започнување со бербата на канабис е должен да го извести Министерството за здравство за денот на започнувањето на бербата. По завршувањето на бербата комисија врши увид за да го утврди бројот на собраните стебла и влажна маса.

Собраниот надземен дел од растението канабис се суши во посебен наменски уреден простор, со големина во зависност од количеството на одгледан канабис, сместен на истата локација каде што се одгледува канабисот. Одгледувачот на канабис е должен исушеното растение/канабис да го спакува во картонска кутија и да го запечати со сигурносна лента за запечатување.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема