X
 18.09.2019 Технологија

Најдобрите апликации за читање книги

Освен што ја врши работата на телефон, камера, плеер за музика, аларм и многу други нешта, вашиот паметен телефон исто така е и прозорец кон бескрајниот свет на електронски книги. Можете да пребарувате, купувате и да читате книги во дигитална форма на вашиот уред кога сакате и каде сакате.

Но, исто како што на книжарниците им се потребни луѓе за нештата да бидат средени, така и вам ќе ви треба апликација за чување на електронските книги на едно место и за да ви помогне во наоѓањето на она што го сакате. Има неколку опции што може да ви одговараат на вашите навики за читање.

1. Apple Books

Оваа апликација е достапна само за корисниците на производите на „Епл“, па може да ја прескокнете ако користите „Андроид“, лаптоп со „Виндоус“ или друг оперативен систем.

Преку апликацијата можете да купувате нови електронски и аудиокниги и да си направите сопствена библиотека. Апликацијата препорачува нови книги врз основа на она што сте го прочитале во минатото, а составува и листа со најпродаваните. Обично има бесплатен примерок кој може да го прочитате пред купувањето, а има и многу бесплатни книги. Друга корисна карактеристика е листата „сакам да прочитам“, која можете да си ја направите.

За читање можете да си изберете еден од осумте фонта, повеќе големини на текстот и четири различни шеми на боја: црно на бело, бело на сиво, црно на сепија и бело на црно. Апликацијата исто така нуди изглед со кој електронските книги стануваат една долга страница од текст, наместо одделни страници.

Можете да означувате делови, а апликацијата ви овозможува и да пребарувате низ текстот, како и да барате дефиниција за кој било збор.

Apple Books е бесплатна за iOS.

2. Amazon Kindle

Главната карактеристика што ја одделува оваа апликација од другите апликации за читање е пристапот до огромната библиотека со електронски книги на „Амазон“, од стари и бесплатни до нови од кои можете да прочитате некој дел. Аудиокнигите се достапни преку одделна платформа заснована на претплата и апликација наречена „Audible, исто така сопственост на „Амазон“. Иако се две различни платформи, „Audible“ беше интегрирана во „Kindle“, па можете да ги менувате верзиите.

Во апликацијата ќе имате пристап и до заедница наречена „GoodReads“, каде што можете да најдете осврти и оцени за книгите што сакате да ги читате, да напишете осврт за оние што веќе сте ги прочитале, да видите препорачани наслови, да се поврзете со други читачи и многу повеќе. И опциите за препорачување се импресивни - може да пребарувате по категорија, да видите што е популарно кај другите читатели или да ѝ дозволите на апликацијата да ви избере наслови врз основа на историјата на купување.

Сè на сè, ова е една од најсеопфатните апликации за е-книги. Можете да одбирате меѓу осум фонта, четири бои и има опција за продолжено скролање. Исто така, можете да обележувате, да пишувате забелешки и да барате дефиниции за зборови.

Amazon Kindle е бесплатна за iOS и за „Андроид“

3. Google Play Books

Како и многу апликации развиени од страна на „Гугл“, така и оваа има оскуден, но убаво изработен интерфејс, преку кој можете да барате е-книги и аудиокниги на интернет. Обично можете да ја ѕирнете првата страница од новите книги, додека постарите се бесплатни.

Наоѓањето нови книги е едноставно и брзо, како и пребарувањето низ книгите што веќе сте ги купиле. Во однос на препораките, добивате само една листа заснована на минатите купувања, плус листа со бестселери.

Во однос на самото читање, можете да читате во следните комбинации од бои: црно на бело, бело на црно или црно на сепија. Исто така, можете да одбирате од четирите фонта и да ја менувате големината на буквите. Апликацијата ви дозволува да ги гледате оригиналните страници на книгата на екранот, како да е во ПДФ-формат.

Апликацијата се синхронизира на вашето читање без разлика на тоа на колку уреди ја имате инсталирано, иако нема веб или десктоп-верзија. Можете да обележувате, да додавате забелешки на некои пасуси и да барате дефиниции на интернет.

Google Play Books е бесплатна за iOS и за „Андроид“

Фото: Pixabay

4. Libby

Ова е малку поинаква апликација која се поврзува со американски локални библиотеки за да ви обезбеди позајмување на бесплатни е-книги и аудиокниги. Како и со обичните библиотеки, така и тука можете да позајмувате книги на одредено време и да поднесувате барања за книги што веќе им се дадени на други лица.

За да почнете, потребен ви е број на картичка, кој ќе ве поврзе со базата на податоци и со илјадниците наслови што ви се понудени. Штом еднаш ќе земете книга, таа ќе се појави во апликацијата и ќе биде ваша на одредено време, а времетраењето зависи од политиката на библиотеката.

Исто како и кај останатите апликации, така и кај оваа имате можност за обележување, пребарување дефиниции за некои зборови и менување на боите и на фонтовите.

Апликацијата е интегрирана во платформата „Kindle“, па ако сакате, можете да позајмите преку „Libby“, а потоа да ја испратите книгата во „Kindle“ за да читате.

Libby е бесплатна за iOS и за „Андроид“

5. Kobo

„Kobo“ овозможува бесплатни апликации за iOS и за „Андроид“ и за десктоп-уредите, па вашето читање ќе биде синхронизирано на сите платформи. Така, апликацијата е многу слична на „Amazon Kindle“.

Во продавницата има сè, од класици до нови книги и обично има бесплатен дел кој може да го прочитате пред да одлучите да ја купите книгата. Во однос на препораките, добивате само една листа на која е прикажано што е популарно кај другите.

Исто така, можете да одбирате големина и вид на фонт, бои, можете да додавате белешки, да обележувате, па дури и да одбирате меѓу два вида анимација.

Ако сакате статистика, има и страница каде што може да ја видите брзината со која читате, колку страници сте свртеле, колку часови сте минале на некоја книга и други информации.

Kobo е бесплатна за iOS и за „Андроид“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија