X
 18.09.2020 Живот

Повеќето викинзи имале кафеава коса, a некои не биле Скандинавци, покажува нова ДНК-анализа

Тие биле освојувачи, пирати и воини. Книгите по историја нè научија дека викинзите од Скандинавија патувале по морето за да ограбуваат и напаѓаат во Европа и подалеку. Но, нова анализа на ДНК на над 400 скелети на викинзи од археолошки локалитети во Европа и на Гренланд одново ја пишува историјата.

Анализата открива дека скелетите од познати погребни места на викинзи во Шкотска, впрочем, биле на локални жители што живееле како викинзи и биле погребувани како нив. Меѓу другото, се открива и дека повеќето викинзи имале кафеава коса, а не руса. Тоа значи дека сите викинзи немале скандинавско потекло.


Фото: Eurekalert

Истражувањето покажува дека пред времето на викинзите во Скандинавија имало луѓе од Азија и од Јужна Европа, чии гени влијаеле врз генската историја на Скандинавија.

Анализата го менува начинот на кој ги замислуваме и опишуваме викинзите. Ерата на викинзите генерално се однесува на периодот од 800-тата година до 1050-тата година. Викинзите го смениле политичкиот и генскиот тек на Европа и подалеку. Но како што велат истражувачите, не се знаело многу за генетиката на викинзите.


Фото: Freepik

Тие откриле генски разлики помеѓу популациите на викинзи во Скандинавија што покажуваат дека викиншките групи во регионот биле поизолирани отколку што се сметало претходно.  

Истражувачите анализирале цели геноми на 442 мажи, жени, деца и бебиња од времето на викинзите чии скелети биле пронајдени во викиншки гробишта. Генското наследство од времето на викинзите живее и денес бидејќи се проценува дека 6% од населението во Велика Британија и 10% во Шведска имаат остатоци од ДНК од тоа време.

Извор: eurekalert.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот