X
 18.09.2023 Наука

Зошто бумбарите летаат?

Многу е веројатно дека повеќе пати сте ја слушнале или прочитале досетката за неможноста на бумбарот да полета. Таа гласи: „Бумбарот има облик на телото и маса поради кои, според законите на физиката, воопшто не може да полета. Па зошто лета? Затоа што не е свесен“. Иако оваа популарна досетка има убава поента, летањето на бумбарот всушност е научно објаснето. Навистина, долго време не било сосема јасно како бумбарите и некои други инсекти го изведуваат тоа, но објаснувањето постои со години.

Забелешката дека летањето на бумбарот, поради неговите димензии и неаеродинамичноста, е спротивно на „законите на физиката“, оние по кои летаат авионите, прв ја дал пред 90 години францускиот ентомолог Антоан Манган, кој го тврдел истото за сите инсекти, не само за бумбарите.

Оваа забелешка стекнала култен статус и била цитирана безброј пати, за на крај со тоа прашање да се позанимаваат и физичарите. Така, во 2005 година летањето на бумбарите било испитувано од страна на Мајкл Дикинсон од Технолошкиот институт во Калифорнија и неговиот тим и на оваа тема бил објавен и труд во престижното американско списание PNAS.

Имено, авионите летаат бидејќи поради обликот на крилата, доаѓа до разлика во притисокот на воздухот кој струи преку нив и авионот се крева. На сличен начин летаат и птиците, кои со замавнувањето на крилјата нагоре-надолу го создаваат истиот ефект, со намалување на притисокот над себе, поради што се јавува влезен дрифт кој ги одржува во воздухот. Кај бумбарот тоа не може да се случи.

Но, со ултрабрзи камери и внимателна анализа е утврдено дека бумбарот мавта со крилјата на сосема поинаков начин - замавнувајќи напред-назад. Така во воздухот непосредно над себе создава „мини-ураган“, мал вител од воздух. Овој мини-ураган, налик на оние големи атмосферски, во средината има „око“ каде што притисокот е помал. Поради тоа, во овој мини-ураган, како во некоја купола, бумбарот се крева нагоре.

Овие вители се нестабилни и летот не е елегантен како кај птиците или авионите, но бубмарот сепак лета и тоа користејќи што друго, ако не законите на физиката.

Автор: Слободан Бубњевиќ
Извор: Nauka kroz price
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука