X
 18.09.2024 Технологија

Носталгија на црниот пазар: фалсификувани ретроконзоли со инсталирани пиратски игри

Италијанските власти спровеле голема операција за разбивање криминална мрежа вклучена во производство и дистрибуција на фалсификувани ретроконзоли за игри и пиратски видеоигри. Вкупната вредност на одземената стока се проценува на 50 милиони евра.

За време на операцијата, полицијата запленила приближно 12.000 фалсификувани конзоли за игри, кои содржеле повеќе од 47 милиони пиратски копии на популарни видеоигри од 80-тите и 90-тите години. Фалсификуваните конзоли биле имитација на уреди произведени од „Нинтендо“, „Сега“ и „Атари“. Утврдено е дека овие уреди се увезени од Кина со намера да се продаваат во специјализирани продавници и онлајн пазари.

Алесандро Лангела, шеф на единицата за економски криминал на финансиската полиција во Торино, ги истакнал проблемите поврзани со запленетите уреди. Покрај нелегалниот увоз и неплаќање царина, ниту еден од откриените фалсификувани производи не ги исполнувал безбедносните стандарди на Европската Унија. Конзолите биле опремени со несертифицирани батерии и електрични кола, што претставувало потенцијална опасност за потрошувачите.

Трендот на ретроигри, односно собирање и играње винтиџ видеоигри и конзоли, очигледно се покажал како инспирација за производство на овие вредни пиратски производи. Автентичните винтиџ игри и конзоли станаа екстремно барани од страна на колекционерите, со некои ретки примери кои достигнуваат астрономски цени на аукција. На пример, во 2021 година запечатена копија од играта „Супер Марио 64“ беше продадена за повеќе од 1,5 милион долари.

Како резултат на оваа полициска акција, уапсени се девет италијански државјани кои се обвинети за трговија со фалсификувана стока. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна до осум години. Властите ги уништиле одземените игри.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија