X
 24.09.2017 Економија

Колку вреди вашиот идентитет на црниот пазар?


Куферче со книжни пари
(Фото: Pixabay)


Заверените кредитни картички со висок лимит од земјите како што се САД, Јапонија и Јужна Кореја, на црниот пазар се продаваат за биткоини во противвредност од 10 до 20 американски долари, се наведува во годишниот извештај за сајбер криминал на компанијата „Секјурворкс“ што ја поседува „Дел“.

Што е црн пазар?

Во извештајот се опишува како „група на интернет форуми, лажни дигитални продавници и соби за разговор кои ги користат криминалците за склучување сојузи, размена на алатки и техники и продажба на украдени податоци, како податоци од банкарски сметки, информации со чија помош можат да препознаат конкретна личност и слично“.

Заверената кредитна картичка е онаа која криминалецот продавач ја пробал за извршување трансакции и утврдил дека сè уште не е откажана. Незаверените картички можат да се набават за многу ситни пари.

На криминалците најдраги им се деловните картички

Криминалците најмногу ги сакаат деловните картички, бидејќи понекогаш не постои ограничување на потрошувачката. Па така, заверената платинеста картичка од „Американ експрес“ може да постигне цена и до 20 долари, додека обичната (без голем лимит) да биде продадена за околу десет долари. Еден од илегалните пазари каде што се извршуваат трансакции од овој вид е Trump’s Drump.

Но, тоа не е сè. Во извештајот се наведува дека на продажба се нудат и целосни идентитети на поединци само за десет долари.

Таквата роба, инаку позната како Фулц (Fullz), се досиеја кои нудат финансиски, географски и биографски податоци од жртвите, доволни за кражба на идентитетот или измама заснована на лажно претставување. Криминалците, на пример, со помош на тие податоци можат да ги заобиколат тајните прашања со кои се потврдува идентитетот на различни интернет сервиси.

Чувствителните податоци, како тие за пополнување даночни пријави во САД, се поскапи: според податоците на истражувачката група IBM X-Force, чинат 40 и 50 долари.

Важно е да се нагласи дека криминалците не занемаруваат ниедна лична информација, туку ги трупаат додека не соберат доволно за да се обидат да ја сторат измамата, пишува „Блумберг“. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија