X
 21.06.2018 Технологија

Колку нуклеарки се доволни за да настане целосен хаос?

Голем нуклеарен напад врз некоја земја би имал разорни последици и врз агресорот, покажува студија во која научниците се обиделе да истражат кој е граничниот број на нуклеарни проектили по што би настанал глобален хаос.

И дошле до бројот 100. Тоа е прилично малку кога се знае дека нуклеарните сили во целиот свет поседуваат околу 15.000 проектили. Дури и во најдобар случај, голем напад би имал глобални последици со милиони жртви при првиот удар и масовен недостиг на храна и глад, кој би настанал потоа, пишува „Дејли мејл“.

Со оглед на тоа што девет држави во светот ги поседуваат нуклеарните проектили, истражувачите во студијата објавена во списанието „Сејфти“ наведуваат дека бројот на проектили би требало да се намали на 900, односно 100 проектили по држава.

Меѓутоа, ако се знае силата на овие нуклеарни проектили кои имаат моќ да разрушат цели градови, и тоа намалување сè уште претставува огромна закана, идеалниот број нуклеарни проектили по една земја би требало да се сведе на нула.

„Со 100 проектили и натаму имаме нуклеарна закана, но барем се избегнуваат веројатните последици што би можеле да го уништат и сопственото население“, смета Џошуа Пирс од Технолошкиот институт во Мичиген.

Тој додава дека последиците од удар на 1.000 проектили, и тоа без одмазда, би убиле 50 пати повеќе луѓе од нападот на 11 септември 2001 година во Њујорк.

Истражувачите го анализирале сценариото за напад со 7.000, 1.000 или со 100 проектили, како и последиците врз околината од тој напад, кои би ја погодиле и популацијата на земјата што го извршила нападот. Само 100 проектили фрлени на густо населено подрачје во Кина, во хипотетичко сценарио, би убиле повеќе од 30 милиони луѓе.

Таквиот напад би довел до пад на температурите и би ја уништил озонската обвивка. Драстично би се намалило производството на храна, а би била уништена и индустријата.

Пирс предупредува дека недостигот на храна и гладот би можеле да доведат до насилства кои дополнително би однеле огромен број животи.

И покрај сето ова, студијата била работена врз пример на хипотетичка употреба на бомби од 15 килотони, што приближно е сила колку бомбите фрлени врз Хирошима во 1945 година. Денешните нуклеарни проектили се далеку посилни, а силата најчесто им достига од 100 до 500 килотони, пренесува „Гизмодо“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија