Официјално е: астрономите пронашле нова џуџеста планета во нашиот Сончев Систем - најоддалечен објект што некогаш бил забележан во Сончевиот Систем.
Малата планета наречена „2018 VG18“, подоцна преименувана во Фараут од тимот што ја откри, е оддалечена 18 милијарди километри. Тоа е 100 пати повеќе од растојанието меѓу Земјата и Сонцето и околу истата оддалеченост од „Војаџер 2“, сондата на НАСА лансирана во 1977 година која стигна до меѓуѕвездениот простор овој месец.
Фараут била забележана од јапонскиот телескоп „Субару“ на Хаваите, на 10 ноември, од астрономот Скот Шепард од Карнеги институтот за наука, заедно со неколку колеги.
Досега Фараут е многу мистериозна за астрономите. Но, еден аспект што веќе привлекува научен интерес е необичната орбита. Оваа планета орбитира со невообичаен агол, заедно со други таканаречени „транснептунски објекти“. Во последниве години имаше многу шпекулации за тоа што би можело да ја предизвика невообичаената траекторија на овие астрономски тела.
Едно од најпопуларните објаснувања е можното постоење на деветтата планета или Планета Екс. Всушност, астрономите ја откриле Фараут додека трагале по постоењето на деветта планета. Најновите податоци сугерираат дека може да биде група на предмети во рамките на истото гравитационо поле.
Се проценува дека Фараут има дијаметар од 500 километри и му се потребни повеќе од 1.000 години за да орбитира околу Сонцето. Исто така, оваа планета има розова боја.
Откритието покажува дека иако
научниците сега рутински наоѓаат планети што орбитираат околу други ѕвезди, во нашиот Сончев Систем сѐ уште има неоткриени предмети. Тоа покажува дека треба уште многу да се учи за нашиот релативно мал агол на галаксијата.