X
 24.12.2020 Живот

Првата европска земја што сака да воведе „пасоши за вакцина“: Оној што нема примено вакцина нема да користи јавен превоз

Француската влада достави закон до собранието што им овозможува на оние што ќе се вакцинираат да имаат пристап до јавниот превоз, рестораните, културните институции и другите јавни места.

Премиерот Жан Кастекс во понеделникот го проследи законот за воспоставување долгорочен систем за управување со вонредни ситуации до собраниската процедура. Законот е познат и како „зелен пасош за вакцина“ поради одредбите што условуваат пристап до одредени активности и места врз основа на вакцинацијата.

Според законот, премиерот има право да одобри движење на лица, пристап до јавниот превоз или одредени места врз основа на тест со кој се утврдува дека некое лице не е заразено или по превентивен третман во кој спаѓа и вакцинацијата против коронавирусот.

Расправата за законот почна минатата недела кога членовите на либералните и центристичките партии предложија воведување на таканаречен „зелен пасош“ за луѓето што ќе се вакцинираат, со образложение дека вакцинираните имаат право да живеат нормално. Поради тој закон, ултрадесничарката Марин ле Пен напиша дека нејзината партија никогаш нема да ѝ дозволи на владата принудно да воведе нешто што не успеала да го воведе со доверба и дека граѓаните што нема да се вакцинираат не смеат да се сметаат за граѓани од втор ред.

Пратеникот Фредерик Дима на „Твитер“ напиша дека нема да им дозволи на францускиот претседател Макрон и премиерот Жан Кастекс да го направат тоа.

Повеќе истражувања покажаа дека Французите се доста скептични во однос на вакцинацијата и дека само околу 40 отсто од граѓаните се подготвени да се вакцинираат. Со овој закон, Франција би била првата земја во Европа што воведува вакви „пасоши“.

Идејата за пасоши за вакцина веќе постои

Шефот на авиогрупацијата Еј-ди-пи, Огист де Роман, изјави дека идејата за пасоши за вакцина, односно вакцинација пред патување, веќе постои за некои дестинации, а постоела и пред пандемијата.

Тој вели дека не се знае дали вакцинацијата против коронавирусот ќе стане задолжителна, но смета дека ова не е нова идеја.

- На пример, не можете да патувате во Танзанија ако не сте вакцинирани против маларија, така што оваа идеја не е нова - вели тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот