X
 19.02.2019 Економија

„Амазон“ и годинава ќе плати нула долари данок и тоа е легално

Најголемиот светски онлајн-трговец „Амазон“, кој има пазарна вредност од 793 милијарди долари, и оваа година ќе плати 0 долари данок.

Втора година по ред трговскиот гигант ќе избегне плаќање данок, а во тоа не го поколебаа ни критиките од американскиот претседател Доналд Трамп. „Амазон“, втората компанија во историјата со остварена пазарна вредност од над еден билион долари, користи различни трикови за тоа, но сè е легално и законско.

Така, според одлуката на Врховниот суд од 1992 година, таа беше изземена од плаќање данок на федералната држава во која работи бидејќи е компанија што се занимава со е-трговија. Одлуката беше променета во 2017 година, но и во таа регулатива компанијата се извлече бидејќи во повеќето случаи не продава сопствени производи, туку служи како продажна платформа за другите трговци.

И не само тоа, вели Стив Ковач, коментатор за „Бизнис инсајдер“, многу федерални држави сами ѝ нудат даночни олеснувања за да ја привлечат да отвори нов магацин кај нив.

- Веројатно сте слушнале за HQ2, нов кампус што „Амазон“ се обидува да го изгради во САД. Земјите сега буквално газат една врз друга за да ѝ понудат подобар договор. На пример, Њу Џерси нуди 7 милијарди долари даночно олеснување ако како локација за новиот кампус од „Амазон“ го изберат Њуарк во Њу Џерси - објаснува Ковач.

Американските држави, се разбира, се обидуваат да се изборат за нови погони кои значат нови работни места.

- Најголема иронија е тоа што иако Трамп сака да го критикува „Амазон“ бидејќи не плаќа даноци, тој издава закони со кои ѝ го олеснува тоа на компанијата. Неодамна ја намали стапката на данок на доход од 35 на 21 отсто. А замислете, тоа се однесува и на неговиот бизнис - заклучи Ковач.

Тој потсетува на настаните кога Хилари Клинтон го критикуваше Трамп зашто не го плаќал федералниот данок на доход. Тој одговори: „Тоа е затоа што сум паметен“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија