Научниците на најразлични начини се обидуваат да го продолжат човечкиот живот и да ја измамат смртта. Тоа е една од причините зошто е развиена цела низа на технологии и техники кои ветуваат долг живот и што е можно подоцнежна смрт.
Иако некои луѓе навистина живеат многу подолго од просекот, и понатаму станува збор за поединци, а не за редовна појава. Но, низ футуристичката заедница кружи контроверзна идеја за „брзината на бегство од долговечноста“. Во превод, станува збор за идејата дека како што се подобрува нашата технологија за продолжување на животот, очекуваниот животен век би можел да се зголеми за повеќе отколку што старееме во текот на одреден временски период. Звучи комплицирано?
Поедноставено кажано, и понатаму би старееле една година во период од една година, но нашиот очекуван животен век би се зголемил за, да речеме, една година и два месеца. Според таа идеја, функционално би вратиле два месеца од животот.
Иако тоа во моментов звучи како научна фантастика, поранешниот инженер на „Гугл“ и истакнат футурист Реј Курцвајл е уверен дека човештвото ќе ја оствари брзината на бегство од долговечноста пред крајот на деценијата.
- Ќе се враќаме по повеќе од една година по 2029 година. Кога ќе успееш да се вратиш барем една година, си ја достигнал брзината на бегство од долговечноста - изјави Курцвајл за медиумите пред неколку години, а пренесува „Популар меканикс“.
Напредокот во медицината е клучен
Тој е уверен дека тоа ќе се оствари благодарение на напредокот во медицината.
- Вакцината против ковид ја објавивме за десет месеци. Бидејќи секвенциониравме неколку милијарди различни мРНА секвенции за два дена. Се случуваат многу други напредоци. Почнуваме да ја гледаме употребата на симулирана биологија и тоа е една од причините зошто ќе оствариме толку голем напредок во следните неколку години - рече тој.
Напредокот во медицината спаси многу животи и го продолжи очекуваниот животен век. Особено во најразвиените земји каде што е достапен пристапот до најнапредната медицина. Но, како што истакнува Курцвајл, очекуваниот животен век не е исто што и должината на животот, а концептот на брзината на бегство од долговечноста е насочен токму кон првото.
Непредвидливоста на животот
- Постигнувањето на брзината на бегство од долговечноста не ви гарантира вечен живот. Можете да имате десетгодишник и би можеле да пресметате дека има многу, многу децении долговечност, но тој би можел да умре утре - појаснува Курцвајл.
Главната причина е во непредвидливоста на животот. Со најдобра желба и волја, тешко е да се предвиди дали детето кое е родено денес ќе доживее длабока старост или ќе заболи од рак или, пак, ќе доживее сообраќајна несреќа.
Освен тоа, постигнувањето на брзината на бегство од долговечноста, ако тоа воопшто е можно да се постигне, не би значело дека сите луѓе во светот одеднаш ќе доживеат драматично продолжен животен век.
Дали прогнозите на Курцвајл ќе се остварат, ќе видиме за неколку години. Засега успешно го предвиде ширењето на преносните компјутери и мобилните телефони, постоењето на пресметувањето во облак, но и дека компјутерот ќе го победи шаховскиот првак пред 1998 година (тоа се случи во 1997 година). Но, исто така и многупати згрешил. Да се надеваме дека овој пат е во право.
Фото: freepik