Љубовта секому му годи, а не постои ништо поубаво од тоа да поминуваме квалитетно време со партнерот. Освен што сме среќни и расположени кога сме заљубени, присуството на нашата „друга половина“ може да ни помогне и на други начини.
Љубовта може да нѐ разубави бидејќи го поттикнува растот на косата, а може да го подобри и нашето здравје со подобрување на квалитетот на нашиот сон, намалување на воспалението, ублажување на болката итн.
Заљубувањето е неизбежен дел од човечката природа, но механизмите што влијаат врз развојот на љубовта не се доволно истражувани. Сега полето на проучување на љубовта сѐ повеќе се развива и со текот на времето станува сѐ појасно какви психолошки и физиолошки ефекти може да има оваа силна емоција врз нас.
Кога сме заљубени, нашиот мозок работи поинаку и личноста во која сме заљубени ни станува главен приоритет. Истражувачите открија дека заљубеноста има големо влијание врз однесувањето на човекот.
Освен што ова чувство лачи окситоцин (хормон на љубовта), тоа лачи и допамин (хормон на среќата) и предизвикува многубројни физиолошки реакции.
Покрај очигледните ефекти врз животот и однесувањето, на кои начини љубовта може да го подобри нашето здравје?
Спиење
Спиењето покрај саканата личност може позитивно да влијае врз сонот. Иако можеби ни пречи кога партнерот ни го краде ќебето или силно 'рчи, и мислиме дека немаме квалитетен сон, истражувања покажаа дека спиењето со партнерот ја подобрува РЕМ-фазата на спиење. Оваа фаза, која служи како мост до длабокиот сон, е важна за регулирање на емоциите, меморијата и когнитивното решавање на проблемите.
Научниците дошле до овој заклучок по студијата од 2020 година во која го скенирале мозокот на четири млади вљубени парови во текот на ноќта кога спиеле одвоено, а потоа заедно. Иако имало повеќе физички пречки при споделување на креветот со партнерот, квалитетот на добиениот сон бил значително подобар.
Фото: Freepik
Растење на косата
Постојат истражувања кои покажуваат дека љубовта може да го поттикне растот на косата. Окситоцинот, хормон кој се ослободува кога ја допираме и гушкаме саканата личност, може да помогне во растот на косата.
Варење на храната
Љубовта влијае и врз микробиомот на цревата, кој влијае врз многу функции на телото, од варење до функцијата на мозокот. Британско истражување од 2019 година покажа дека луѓето што биле во сериозни врски и имале чести физички контакти, исто така, имаат најразновидни цревни микробиоми.
Ублажување на болката
Самото присуство на партнерот може да ја ублажи болката, покажа истражување од 2019 година. Научници од Австрија ја тестирале отпорноста на болка кај учесниците што биле сами, а потоа и кога биле заедно со партнерот.
Тие заклучиле дека се зголемува толеранцијата на болката и кај мажите и кај жените кога ја допирале саканата личност и разговарале со неа. Кај некои, болката се намалила само затоа што биле свесни дека нивниот партнер е во иста просторија со нив.
Намалено воспаление
Друго позитивно влијание што љубовта го има врз нашето здравје е намалувањето на хроничните воспалувања, што ги намалува шансите за развој на сериозни болести како што се дијабетес, срцеви заболувања и некои видови рак. Минатата година научниците од Северна Каролина открија дека квалитетното време поминато со партнерот го намалува нивото на Ц-реактивен протеин (CRP), клучен показател за хронично воспаление.
Откако анализирале различни парови повеќе од еден месец, научниците откриле дека колку повеќе време паровите поминуваат заедно, толку е помало нивото на CRP.
Допаминот и невозвратената љубов
Љубовта води до ослободување на допамин, хормонот на среќа и задоволство, кој е добар за многу телесни функции, како што се меморијата, мобилноста и расположението. Не го добиваме истиот интензитет на лачење на овој хормон кога ќе запознаеме некој во кој не сме вљубени (пријател, член на семејството), па љубовта навистина може да ја подобри нашата физичка кондиција.
Сепак, постои и „опасна“ страна на ова ослободување на допамин, особено ако нашата љубов не е возвратена.
- Невозвратената љубов може да доведе до зависно однесување - секоја клетка во нашето тело сака да биде со саканата личност. Ако тоа не се случи, нивото на допамин опаѓа и преовладува хормонот на стрес (кортизол), кој нѐ турка да го вратиме допаминот.
- Тоа е еволутивен процес, кој нѐ мотивира да ги пренесеме нашите гени на идните генерации. Ако не успееме, можеме да се обидеме да правиме други работи кои го зголемуваат нивото на допамин, можеби да тренираме за маратон, да имаме секс со некого, да се свртиме кон дрога, алкохол - објаснува експертот за зависности, д-р Емилија Вуорисалми.
- Така, колку што љубовта може да ни помогне, може да нѐ поттикне и да правиме избори што не се добри за нас. Затоа, внимавајте при изборот на вашиот партнер бидејќи од тоа може да зависи вашето здравје - додава д-р Вуорисалми.
Фото: Freepik