X
 17.09.2020 Здравје

Докторите се подготвуваат да го имплантираат првото бионичко око на човек

Истражувачи од Универзитетот „Монаш“ во Мелбурн, Австралија, создале бионички уред за кој велат дека може да им го врати видот на слепите со помош на имплант во мозокот. Тие сега се подготвуваат за првите клинички испитувања на бионичко око на човек во светот. Потребни им се дополнителни финансии за уредот да се произведува на глобално ниво.


Фото: Monash

На бионичкото око се работело повеќе од 10 години. Тоа ги заобиколува оштетените нерви и овозможува сигналите да се пренесуваат од мрежницата до центарот за вид во мозокот. Системот е составен од камера и безжичен предавател, додека плочки вградени во мозокот ги пренесуваат сигналите.

Уредот може да им помогне на слепите луѓе да се движат во затворени и отворени простори и да препознаваат луѓе и предмети, објаснува Артур Лаури, професор на универзитетот.


Фото: Monash

Истражувачите се надеваат дека системот ќе може да се адаптира за лицата што имаат неизлечиви невролошки состојби, како парализа на екстремитетите. Во експерименти спроведени во јуни системот бил тестиран на три овци и се покажало дека нема негативни здравствени последици.

Сè уште не се знае кога ќе се одржат првите испитувања на луѓе.

Автор: Виктор Тангерман
Извор: futurism.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје