X
 14.06.2019 Образование

Преголеми очекувања: Поради 5,0 просек, на психијатрија сѐ повеќе деца со панични напади

Хрватскиот образовен систем, во кој од прво одделение основно училиште се бара учениците да поминат со 5,0 просек и да бидат еднакво добри и во математика и во физичко, е неприроден. Наместо да поттикнат развој на талент во она во што учениците се најдобри, се создава маса на деца со знаење научено напамет само за завршните тестови. Ова е проблем на кој сè почесто и сè погласно предупредуваат наставниците и професорите, но и психолозите.

Д-р Катарина Додиг-Чурковиќ, раководител на Одделот за детска и адолесцентна психијатрија при Универзитетскиот болнички центар во Осиек, укажува дека системот е лошо организиран. Децата се под притисок во текот на целата година, но кулминацијата е на крајот од годината кога се тргнува во лов по петки.

- Ние во Одделот за детска и адолесцентна психијатрија од мај се среќаваме со деца што имаат напади на паника затоа што треба да имаат просек 5,0. Се случува она што треба да биде радост и веселба, како што е матурскиот танц и забава за децата, да стане нешто последно што им е на ум на матурантите, бидејќи се избезумени со матурата. И јас лично сум мајка на деца во прва и четврта година во средно училиште, што значи дека дома имам матурантка. Училиштето повеќе не е извор на задоволство, туку фрустрација. Овие деца еден месец не спијат и не јадат. За мене, како психијатар, е апсолутно неприфатлива изјавата на некои родители од типот: „Не ме интересира како тие се чувствуваат, туку каков успех ќе имаат“ - вели Додиг-Чурковиќ.

Таа додава дека е особено проблематично кај матурантите затоа што адолесценцијата сама по себе е предизвик и децата едноставно немаат капацитет за таков вид и количина на стрес.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование