На 8 мај годинава остаток од кинеска ракета неконтролирано падна на Земјата, во Индискиот Океан во близина на Малдивите. Друга кинеска ракета ја имала истата судбина минатата година кога паднала во близина на западниот брег на Африка. Никој не знаел каде ќе паднат овие две парчиња вселенски отпад, па затоа е добро што тие не повредиле никого и не направиле штета.
Секое нефункционално тело направено од човекот што се наоѓа во вселената се смета за вселенски отпад. Но што се случува кога ваков отпад ќе му направи штета на жител на Земјата? Тимиеби Аганаба, професор по вселена и општество на државниот универзитет во Аризона, објаснува за „Конверзејшн“ што би се случило доколку вселенски отпад падне врз нечиј дом.
Според вселенска спогодба од 1967 г. и договор од 1972 г., кои се усвоени од Обединетите нации, овој случај би требало да биде решен од вклучените влади. Според договорите, државата е одговорна за каква било штета, дури и доколку штетата била предизвикана од приватна компанија лоцирана во таа држава. Доколку вселенски отпад падне врз вашиот дом, вашата земја ќе побара компензација за оштета од одговорната држава и ќе ви плати за штетата.
Фото: Pixabay
Шансите да падне вселенски отпад врз куќа се многу мали, но претходно вселенски отпад паднал на цврста површина. Во 1978 г. рускиот сателит 954 паднал во празен дел од канадска територија. Кога паднал, тој распрскал радиоактивни делови од нуклеарниот реактор што се наоѓал на него. Чистењето на регионот, кое било спроведено од Канада и САД, чинело над 14 милиони канадски долари.
Канаѓаните побарале 6 милиони канадски долари од тогашниот Советски Сојуз, но тие им исплатиле само 3 милиони канадски долари.
Ова било прв и единствен пат кога бил искористен договорот од 1972 г. во случај на пад на вселенски отпад на туѓа земја. Според договорот, државите се обврзани да ги информираат другите влади за вселенскиот отпад, да објават информации за очекуван пад, да ја исчистат штетата и да ја компензираат оштетената влада за потенцијалните повреди.
Меѓутоа, доколку имате мал сателит кој бил удрен од вселенски отпад, вие и вашата влада треба да докажете чија е вината, а во моментов нема глобален систем за управување со вселенските тела. Во моментов во орбитата се наоѓаат илјадници уреди кои се следат, како и многу помали уреди што не може да се следат.
Автор: Тимиеби Аганаба
Извор:
theconversation.com