X
 22.05.2018 Наука

Лансиран сателит што ќе ја истражува невидливата страна на Месечината



Кина успешно лансира сателит што ќе овозможи комуникација помеѓу Земјата и сондата што во текот на годинава ќе стигне до невидливата страна на Месечината.


Половина Месечина
(Фото: Pixabay)


Ракетата со сателитот наречен „Квекиао“ беше лансирана од центарот Ксичанг на југозападот од државата, соопшти Кинеската национална вселенска агенција (ЦНСА).

„Ова лансирање е клучен чекор за Кина да ја оствари својата цел, да стане првата земја што ќе испрати сонда на невидливата страна на Месечината“, изјави шефот на проектот, Жанг Лихуа, пренесува новинската агенција „Ксинхуа“.

По дваесет и пет минути од лансирањето на ракетата, сателитот се одвои од неа и на патот кон целта ги рашири соларните панели и комуникациски антени.

Сателитот ќе биде во орбитата помеѓу Земјата и Месечината и неговата позиција ќе биде на 64.000 километри од невидливата страна на Месечината, која никогаш не се гледа од Земјата и која се нарекува „темна страна“ поради што досега во голема мера е неистражена.

Тоа би можело да се промени оваа година затоа што Кина планира во вселената да  ја лансира роботската сонда „Чанг е-4“, наречена според кинеската божица на месечината. Сателитот ќе биде позициониран така што ќе овозможува комуникација со научниците на Земјата, додека роботот ќе ги фотографира темните делови од Месечината.

Кина вложи милијарди евра во својата вселенска програма и тоа во координација со војската.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука