X
 19.06.2020 Здравје

Индија ќе ја гради најголемата привремена болница за Ковид-19 во светот

Главниот град на Индија се подготвува за голем пораст на бројот на новозаразени од Ковид-19 кон крајот на јули. Соодветно на очекувањата, во план е отворање на најголемата привремена болница во светот.

Станува збор за локација во близина на сојузната држава Нарјана. Болницата ќе има 10.000 кревети за повеќекратна употреба кои ќе бидат направени од картон, што е материјал на кој вирусот се задржува помалку. Индиските доктори се повикуваат на откритија дека коронавирусот не преживува на картонски површини подолго од 24 часа.


Фото: Pexels

Бројот на заразени од коронавирус во Њу Делхи пораснал од 10.000 до над 44.000 само во последните неколку дена. Градот нема да има доволно кревети во болниците доколку трендот на зголемување на заболените продолжи. Според претпоставките, во градот може да има над 500.000 случаи до 31 јули.

Во моментов во болниците има место за 5.974 пациенти. Мобилните болници имаат простор за уште 344 луѓе. Во меѓувреме, приватните болници се обвинети дека им наплатуваат големи суми на оние што не можат да си го дозволат тоа. Експертите планираат да користат и хотели, сали и одморалишта за пациентите со слаби симптоми.

Новата локација со 10.000 кревети порано се користела како центар за грижа на работници кои не живеат во градот, а биле принудени да останат во него поради забраната за патување. Таа ќе се користи како болница за пациенти со симптоми на коронавирус, а треба да се отвори во првата недела во јули.


Фото: Pexels

Ќе бидат ангажирани 400 лекари, а во местото нема да има респиратори бидејќи пациентите со потешки симптоми ќе бидат испратени во болниците.

Други градови во Индија подготвуваат слични планови за мобилни и привремени болници кои ќе бидат наменети само за пациенти со коронавирус. Индија воведе строги мерки за забрана за патување и движење во март за да купи време за подготовка на здравствениот систем. Беа воведени многу иновативни мерки, како претворање на спортски стадиони во карантини и претворање на театри во клиники.

Населението во Индија е преголемо во однос на лекарите што работат во земјата. Има просечно еден лекар на 1.457 жители.

Автор: Шамани Јоши
Извор: vice.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје