Реката
Ворф и нејзиниот дел познат како Болтон Стрид во британскиот Јоркшир изгледаат како да се дел од „Господарот на прстените“ на Толкин. Питомите шуми, големите камења обраснати со мов и коритото кое повеќе личи на поток отколку на река првично го маскираат фактот дека Ворф е најопасната река на планетата.
Локалното население истакнува дека стапката на смртност во случај некој да падне во реката е 100 проценти. Тие одговорно тврдат дека никој никогаш не успеал да се извлече од смртоносната прегратка на оваа навидум питома рекичка.
Според локалната легенда, некогаш во реката се удавило момче во обид да го прескокне
Стрид, а кое требало да стане крал на Шкотска.
Реката изгледа сосема „нормално“ – широка е и бавна, за веднаш, лаички кажано, да се сврти на „колк“, станувајќи тесна, но неверојатно длабока, а водата тече вертикално наместо хоризонтално. Под зелените и лизгави валчести карпи кои го опкружуваат „потокот“ се наоѓаат метри и метри шуплив простор исполнет со вода која во случај нешто да падне во неа, заедно со карпите буквално веднаш го сомелува.
Токму таа промена на ориентацијата од „хоризонтала“ во „вертикала“ ги издлабила дното и карпите што им овозможува на речните струи да дивеат, а тоа да не се забележува на површината.
Не постои точен податок колку лица настрадале на тоа мало парче од реката, но се знае дека ретко кое тело може да исплива – водата едноставно го голта. Пред осум години на тоа место настрадало дете кое и покрај присуството на родителите, се лизнало во водата.
И покрај тоа што шумата околу Стрид е многу популарна за пешачење, на секои десетина метри постојат табли со предупредување дека се работи за вонредно опасна зона каде што не се препорачува приближување.
Интересно е дека ова не е единствениот Стрид во Британија, но е најпознат токму поради природната убавина и опасноста.
„Луѓето мислат дека опасните реки се полни со вители, пена и бучава, а не нешто што изгледа како поточе меѓу питорескните карпи“, вели еден од локалните жители. Своевремено тие се обиделе да спуштат камера во реката, но поради темната вода, обидот бил залуден.