Се сеќавате ли на „Покемон Гоу“? Популарноста на таа игра беше огромна. Насекаде можевте да видите луѓе што шетаа наоколу обидувајќи се да фатат измислени чудовишта во нивните соседства. Најдоброто од сѐ е фактот што апликацијата нѐ извади надвор.
И овој пат главната идеја е да научите за светот токму од вашиот телефон.
„Seek“ (Трагај) е бесплатна апликација за „ајфон“ преку која добивате награди за авантури. Наместо да ги задржува играчите пред своите екрани, апликацијата ги испраќа да трагаат по работи во реалниот свет, а за таа сметка добиваат дигитални награди. Апликацијата помага да се едуцираат луѓето за природата во нивниот сопствен двор, со тоа што бара да фотографираат нови цвеќиња и растенија за кои добиваат дигитални беџови. Освен флората и фауната, за време на авантурите се појавуваат дигитални ковчези на екраните, кои даваат награди, со цел да им се помогне на играчите да продолжат напред кон нови авантури.
„Seek“ ги користи податоците на „iNaturalist“, онлајн социјална мрежа за ентузијасти за природа. Апликацијата ги презема милионите фотографии и податоци од природата, објавени на мрежата, за да создаде вештачка интелигенција која може автоматски да препознава и да категоризира флора и фауна. Таа може да го препознае и да го категоризира речиси секој вид растение или животно од фотографија што сте ја сликале со вашиот телефон. Прикачете слика од кој било вид и без разлика дали е инсект, птица, жаба или растение и „Seek“, користејќи го својот софтвер за препознавање, ќе го препознае субјектот на сликата како еден од повеќе од 30.000 видови од својата дата-база.
Не е никаков проблем доколку не знаете каде да започнете. Апликацијата ќе ви покаже листа од растенија и животни кои луѓето најчесто ги наоѓале на локацијата каде што се наоѓате. Проверете ја листата, а потоа излезете надвор и почнете да трагате. Само фотографирајте растенија и животни околу себе и апликацијата ќе ви каже точно за кој вид станува збор. Што е најдобриот дел? Колку повеќе луѓе ја користат апликацијата, толку подобра станува. Ако повеќе слики се прикачат на вештачката интелигенција, таа добива поголема дата-база од која може да учи.
- Единствениот начин да го подобриме софтверот да може да препознава поточно и побрзо е да има повеќе податоци од кои може да учи. За да го направиме тоа, потребни ни се повеќе луѓе, односно играчи на „Seek“ надвор во природата, да фотографираат што повеќе растенија и животни - објаснува Скот Лоари, еден од
основачите.