X
 19.10.2020 Здравје

Што знаеме и што не знаеме за случаите на повторно заболување од Ковид-19?

Додека американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека е имун на Ковид-19, а се објавуваат и вести за повторено заразување, која е вистината за имунитет на Ковид-19?

Досега се објавени шест случаи на повторно заразување со Ковид-19, а низ светот има уште многу такви непотврдени случаи. Иако ова е мал дел од милионите лица за кои се знае дека се заразиле со новиот коронавирус, дали треба да сме загрижени? За да ја решиме оваа загатка, најпрвин треба да размислиме што подразбираме под имунитет.

Како функционира имунитетот?


Кога сме инфицирани со некој патоген, нашиот имунолошки систем брзо одговара за да се обиде да ја задржи заканата и да ја минимизира штетата. Нашата прва линија на одбрана се имунолошките клетки. Обично тие клетки не се доволни за да се елиминира заканата, па тука стапува на сцена имањето пофлексибилен имунолошки одговор - нашите лимфоцити.

Лимфоцитите доаѓаат во две форми: Б-лимфоцити, кои создаваат антитела, и Т-лимфоцити, кои вклучуваат клетки кои директно ги убиваат натрапниците.

Со текот на времето нивоата на антитела во нашата крв се намалуваат, но тоа не мора да значи дека е загубена заштитата. Ние задржуваме некои лимфоцити кои знаат како да се справат со заканата - нашите мемориски клетки. Тие имаат долг век, патролираат во нашето тело и се подготвени во секој момент да тргнат во акција.

Вакцините функционираат со создавање мемориски клетки без ризик од потенцијална фатална инфекција. Во идеален свет би било релативно лесно да се создаде имунитет, но не секогаш е толку едноставно.

Иако нашиот имунолошки систем еволуирал за да се справи со мноштво патогени, тие микроорганизми исто така еволуирале за да се сокријат од имунолошкиот систем. Оваа трка во вооружување значи дека некои патогени, како маларија или ХИВ, се многу сложени за справување.

Инфекциите што се пренеле од животни исто така се предизвик за нашиот имунолошки систем затоа што може да бидат целосно нови. Вирусот кој е причина за Ковид-19 е дел од нив бидејќи доаѓа од лилјаци.

Ковид-19 е предизвикан од бета-коронавирус. Некои бета-коронавируси веќе се чести кај луѓето - најпознати како причина за настинка. Имунитетот на овие вируси што предизвикуваат настинка не е толку голем, но имунитетот на посериозните состојби, МЕРС и САРС, е поиздржлив.

Досегашните податоци за Ковид-19 покажуваат дека антителата може да се детектираат три месеци по инфекцијата, иако, како и со САРС и МЕРС, антителата опаѓаат со текот на времето.

Секако, нивоата на антителата не се единствената индикација за имунитет и не ни кажуваат за Т-лимфоцитите или за нашите мемориски клетки. Вирусот кој го предизвикува Ковид-19 структурно е сличен на САРС, па можеби можеме да бидеме пооптимистични за поиздржлив заштитен одговор - времето ќе покаже. Па, колку треба да бидеме загрижени за известувањата за реинфекцијата со Ковид-19?

Фото: Pixabay

Колку треба да се грижиме?

Неколкуте известувања за реинфекција со Ковид-19 не треба неопходно да значат дека нема имунитет. Проблемите со тестирањето може да се причина за некои известувања бидејќи „вирус“ може да се детектира по инфекција и оздравување. Тестовите бараат вирусна РНК (генскиот материјал на вирусот), а вирусна РНК која не може да предизвика инфекција може да биде исфрлена од телото дури и откако лицето оздравело.

Обратно, лажно негативни резултати се добиваат кога примерокот користен за тестирање не содржи доволно вирусен материјал за да биде детектиран - на пример, затоа што вирусот е на многу ниско ниво во телото. Такви очигледно негативно резултати може да се причина за случаи во кои интервалот меѓу првата и втората инфекција е краток. Затоа е многу важно да се користат дополнителни мерки, како вирусно секвенционирање и имунолошки индикатори.

Повторното заразување, дури и во имунитетот, може да се случи, но обично тоа е благо или асимптоматско зашто имунолошкиот одговор штити од најлошите ефекти. Доследно на ова е тоа што повеќето потврдени случаи на повторено заразување имале благи или немале никакви симптоми. Сепак, еден од последните потврдени случаи на повторно заразување - кое се случило 48 дена по иницијалната инфекција - всушност имал многу поостар одговор на реинфекцијата.

Што може да е објаснувањето за полошите симптоми при второто заразување? Една можност е пациентот да не собрал голем приспособлив имунолошки одговор првиот пат и првичното заразување во најголем дел да било задржано од вродениот имунолошки одговор (првата линија на одбрана). Еден начин за следење на ова би било со проценување на одговорот на антителата бидејќи детектираниот тип на антитела може да ни каже нешто за времето на зараза. Но, за жал, резултатите на антителата не биле анализирани при првата инфекција на пациентот.

Второ објаснување е различни вируси нишки да ги предизвикале инфекциите со последователно влијание врз имунитетот. Генското секвенционирање покажало разлики во вирусните нишки, но не е познато дали тоа е еднакво на изменето имунолошко препознавање. Многу вируси имаат слични структурни карактеристики, што овозможува имунолошките одговори на еден вирус да штитат од слични вируси. Се сугерира дека тоа е причината за недостиг на симптоми кај мали деца, кои често настинуваат поради бета-коронавируси.

Сепак, неодамнешна студија посочува дека заштитата против коронавируси кои предизвикуваат настинки не штитела од Ковид-19. Всушност, препознавањето на слични вируси од страна на антителата некогаш може да биде и опасно.

Сепак, треба да се потенцира дека антителата се само еден индикатор на имунитет и дека немаме податоци ниту за Т-лимфоцитите или мемориските клетки во овие случаи. Она што овие случаи го нагласуваат е потребата за стандардизирани приоди за да се добијат клучните информации за робустна процена на заканата од повторно заразување.

Сѐ уште учиме за имунолошкиот одговор на Ковид-19 и секој нов податок ни помага да ја решиме загатката околу овој предизвикувачки вирус. Нашиот имунолошки систем е моќен сојузник против заразата и само преку негово разбирање можеме да се надеваме да го поразиме Ковид-19.

Автор: Шина Крикшанк, професор по биомедицински науки на Универзитетот во Манчестер
Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје