X
 19.10.2023 Технологија

Ако блокирате реклами, „Јутјуб“ ќе ве блокира вас

„Јутјуб“ е најпопуларниот видеосервис во светот, каде што над милијарда луѓе можат да уживаат во различни содржини секој ден бесплатно.

Но, пред или за време на репродукцијата на видеото се прикажуваат реклами. Бидејќи никој не сака да гледа реклами додека гледа видеа, „Јутјуб“ им нуди на корисниците можност да уживаат во содржината без реклами. Секако, во тој случај треба да се плати претплата.

До неодамна оваа претплата изнесуваше 11,99 долари месечно, а цената се зголеми на 13,99 долари, што е месечната претплата на „Јутјуб премиум“.

Сепак, некои корисници најдоа начин бесплатно да гледаат содржини на тој сервис без да им се прикажуваат реклами - со користење блокатор на реклами.

Но, тимот од „Јутјуб“ не е задоволен бидејќи тоа се одразува на приходите на компанијата, па на почетокот на оваа година најави борба против оние корисници што имаат програми за блокирање реклами.

„Јутјуб“ сега повторно ја засили својата кампања против блокаторите на реклами, па на оние што ги користат почнаа да им излегуваат скокачки прозорчиња дека ги прекршуваат правилата за користење на страницата.

Ако сакаат да продолжат да гледаат содржини на „Јутјуб“, треба или да ги исклучат таквите програми или да овозможат прикажување на реклами на „Јутјуб“ во нивните поставки. Некои добиваат и пораки дека откако ќе се прегледаат три видеа, ако сè уште имаат блокатор на реклами, веќе нема да можат да гледаат видеа на таа страница.

Наместо користење програми за блокирање реклами, „Јутјуб“ сака корисниците да плаќаат за користење на „Премиум“ верзијата на видеоуслугата, односно да плаќаат месечна претплата.

Од „Јутјуб“ потсетуваат дека благодарение на рекламите, поддржуваат разновиден глобален екосистем на создавачи и им се овозможува на милијарда корисници пристап до нивната омилена јутјуб-содржина.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија