Палецот на скијачот опишува повреда на мекото ткиво што ги поврзува коските на палецот заедно. Ова е повреда на улнарниот колатерален лигамент на метакарпо-фалангеалниот зглоб. Тој колатерал претставува силен лигамент, кој го поддржува палецот при стискање или фаќање, и доколку е оштетен, може да доведе до хронична нестабилност на палецот, што последователно ќе предизвика проблеми во неговата функција.
Повредата настанува кога ќе паднете на испружен палец и е поверојатна доколку со палецот фаќате нешто во исто време. Паѓањето при скијање додека држите скијачка штека е честа причина, па оттука произлегува именувањето на оваа повреда. Во поретки случаи не постои специфична повреда, а причината за појава на оваа состојба се должи на хронично и репетитивно истегнување на лигаментот. Пациентите со овој проблем се жалат на губење на силата при стискање или фаќање со палецот.
Симптоми:
Палецот ќе биде отечен и болен. Најчесто постои и ограничување на движењата во зглобот.
Фото: Ryde Natural Health Clinic
Третман:
Најважниот дел при конечната одлука за кој метод на лекување ќе станува збор е точната идентификација за тоа дали лигаментот е делумно или целосно скинат и, ако е скинат, во која позиција е остатокот од лигаментот. Донесувањето на оваа одлука може да биде возможно само со темелен клинички преглед, но некогаш особено во свежа фаза на состојбата, не може точно и објективно да се процени токму поради тоа што палецот е болен и отежнат, а со тоа и самиот клинички преглед. Може да се користат и други методи за да се помогне во процената и точното одредување на степенот на повреда. Ултразвучниот преглед може некогаш многу да ни помогне во точната верификација. Рендген може исто така да помогне, доколку има знаци за постоење на фрактура, односно мал фрагмент од коска на кој е инсертиран лигаментот. Поместувањето на оваа фрактура може да укаже на целосно кинење, односно целосна руптура.
Ако лигаментот е делумно скинат, тогаш вообичаено се носи шина или гипс шест недели, а по неговото отстранување се користи програма на вежби за повторно движење на палецот. Може да се потребни неколку недели за да се врати движењето и силата во зглобот. Ако лигаментот е целосно скинат, тогаш ќе се изврши операција за поправка на лигаментот. Ова е проследено со сличен период на шиење и последователна програма за вежбање. За некои пациенти се препорачува да се користи шина за поддршка на палецот по овој тип повреда кога се занимаваат со спорт или тешка активност.
Прогноза:
Исходот од оваа повреда е генерално заздравување на лигаментот и враќање на функцијата на палецот во нормала. Понекогаш лигаментот не заздравува правилно и палецот станува послаб и нестабилен. Ако ова е проблем, може да се направи дополнителна операција за реконструкција на лигаментот или спојување, односно фузија на зглобот.
Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, доктор по општа медицина, специјализант по ортопедија