X
 19.12.2021 Живот

Депресијата не е заразна, но можеме да „присвоиме“ туѓи емоции

Депресијата и анксиозноста не се заразни, иако многумина веруваат дека може да им ја пренесат оваа состојба на другите. Меѓутоа, може да се пренесат емоциите и навиките на лицата во околината.

Истражување покажало дека луѓето мислат дека состојбите како анксиозност, прекумерна употреба на алкохол, анорексија, па дури и шизофренија може да им се пренесат на блиските. Медицината вели дека менталните болести не се и не може да бидат заразни и затоа не се пренесуваат од лице на лице. Но психолозите велат дека не е сè така јасно.

Менталните состојби не се пренесуваат како вирусите, но може да „присвоиме“ емоции и навики од луѓето со кои поминуваме најмногу време. Доколку најдобриот пријател има анксиозност или е во постојан стрес, вие би можеле да почнете да чувствувате слични емоции бидејќи несвесно го проектирате неговиот начин на однесување и живеење.


Фото: Pixabay

Некои психолози сметаат дека емоциите се заразни бидејќи човекот е социјално суштество што реагира на околината. Емоционалната зараза е чувство или изразување слични емоции како луѓето околу вас. Колку пати сте се расплакале додека сте со некој што плаче или сте се смееле само затоа што некој друг се смее?

Доколку чувствувате слични емоции како другите, тоа не значи дека ја имате истата ментална состојба. Се смета дека менталните болести се предизвикани од низа генски, биолошки и околински фактори.

Доколку не сте сигурни дали имате проблем или некој друг влијае врз вашето ментално здравје, најдобро е да разговарате со терапевт. Истовремено, дајте му поддршка на лицето за кое мислите дека се соочува со ментална состојба бидејќи изолацијата може да му ја влоши состојбата.

Извор: Eklinika
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот