X
 20.02.2020 Живот

Лекција за емоционалната интелигенција што треба да ја научите од Илон Маск

„Тесла“ стана еден од највредните производители на автомобили во светот поради потенцијалот за промена на автомобилската индустрија. Исто така, компанијата е во бизнисот со соларни панели.

Сопственикот Илон Маск неодамна објави дека „Тесла“ ги засилува инсталациите на соларни плочки на покривите, познати како „соларглас“, и планира меѓународна експанзија во текот на годинава.

Но, еден едноставен, речиси незабележан твит на Маск минатата година привлече внимание бидејќи даде увид во процесот на Маск за создавање успешни производи.

- Ве молиме, известете нè какви подобрувања би можеле да направиме во кој било аспект на покривот „соларглас“. Критичките повратни информации ги цениме многу - напиша Маск.

Постојат многу работи што треба да ги научиме од процесот на барање повратни информации од потрошувачите, но најдобро би било да се фокусираме на една кратка реченица:

Критичките повратни информации ги цениме многу.

mask
Фото: Youtube/Printscreen

Една едноставна реченица. Пет збора. Но, поткрепена е со децениско истражување и го истакнува главниот аспект на емоционалната интелигенција: можност за учење од негативните повратни информации.

Како емоционалната интелигенција е поврзана со ова?

Емоционалната интелигенција е способност да се идентификуваат, разберат и управуваат емоциите. Едноставно кажано, тоа е способност да направите емоциите да работат за вас наместо против вас. Обично, кога некој нè критикува, нашата стандардна реакција е да направиме нешто од следново:

- Да се одбраниме;
- Да даваме изговори;
- Да го минимизираме проблемот;
- Да се обидеме да рационализираме;
- Да го заобиколиме проблемот;
- Да ја префрлиме вината на друг.

При носењето одлуки се потпираме на дел од мозокот познат како префронтален кортекс. Но, кога сме под напад, се вклучува различен дел од мозокот - амигдалата. Таа служи како наш емоционален процесор и дејствува кога чувствуваме дека сме нападнати.

Ова е познато како емоционално киднапирање.

Емоционалните киднапирања не се секогаш лоши. Во случај на вонредна состојба, амигдалата може да обезбеди храброст и мотивација потребни за да се одбраните себеси или вашите блиски. Но, амигдалата исто така може да предизвика да дејствувате на начин на кој подоцна ќе се каете. А кога станува збор за толкување на негативните повратни информации, може да дојде до едно од горенаведените однесувања пред да препознаете што се случува.

Никој не е совршен. Потребни ни се негативните повратни информации доколку сакаме да пораснеме. Бидејќи повеќето критики ја носат вистината, помага да се пополнат празнините во знаењето за да се подобриме.

Сето ова ја прави поканата на Маск одлична. Со барање негативни повратни информации тој се става себеси под контрола. Тој ги поставува влезните коментари не како напад, туку како искуство од кое може да научи. Истовремено, се подготвува за она што доаѓа.

Ако ги разгледувате неговите твитови, ќе најдете совршен пример за разговор помеѓу извршниот директор и потрошувачите. Маск ги користи повратните информации за да одговори на прашањата, да ги разјасни пораките. Се разбира, Маск не е совршен. Во текот на изминатите неколку години тој реагираше на критики на погрешен начин и се најде во неволја.

Ова дополнително ја нагласува потребата да се има план за справување со негативни последици.

Обучете се

Повратната информација е како свежо откопан дијамант. На прв поглед изгледа непривлечно. Но, вистинската вредност станува очигледна по малку сечење и полирање. На ист начин, лесно е да се види критиката како нешто грдо. Но, можете да се обучите себеси да ги гледате работите поинаку.

Затоа, прифатете ја негативната повратна информација со едноставна реченица со пет збора:

Критичките повратни информации ги цениме многу.

А кога ќе дојде повратната информација, не гледајте ја како напад. Наместо тоа, гледајте ја како подарок и шанса за учење.

Извор: Inc.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот