X
 31.10.2019 Живот

600 јутјубери ветија дека заедно ќе засадат 20 милиони дрвја, меѓу нив е и Илон Маск

Махатма Ганди еднаш рекол: „Ако сакате да видите промена во светот, мора да почнете од себе“. Водејќи се од оваа изрека, јутјуберот Џими Доналдсон, познат по неговиот онлајн алијас Мистербист, одлучил да го прифати предизвикот на фановите и да ги прослави 20 милионите следбеници на „Јутјуб“ со засадување симболични 20 милиони дрвја.

Откако неговите следбеници постојано го охрабрувале на „Твитер“, „Редит“ и „Јутјуб“ да засади 20 милиони дрвја, тој одлучил да ја реализира идејата. Со помош на неколку пријатели успеал да засади 300 дрвја во текот на првиот ден.

Но, со оглед на тоа што станува збор за прилично тешка задача за една личност, тој ги здружил напорите со уште 600 јутјубери кои заедно имаат 650 милиони следбеници.

- Сфаќаме дека со 20 милиони дрвја нема да се поправат климатските промени, но на крајот на краиштата, 20 милиони дрвја се подобри од 0 дрвја. Сакаме да преземеме акција бидејќи поради седењето в место сме таму каде што сме денес - рече тој.

Џими ги повика сите негови следбеници и успеа да го зголеми бројот на засадени дрвја до 1.700 до наредниот ден.



Откако сфати дека е потребно многу повеќе за реализирање на неговата цел, Џими се здружил и со иноваторот и инженер Марк Робер, кој се обидел да засади дрвја користејќи масивен дрон. Кон предизвикот се приклучила и компанијата „Линус“, која создала базука за засадување дрвја.

Освен тоа, Џими се здружил и со фондацијата „Арбор Деј“, која ќе засади едно дрво за секој дониран долар, а Џими имал помош и од други јутјубери.





И Илон Маск се приклучува на предизвикот. Тој го промени своето име на „Твитер“ во „Трилон“ (Treelon) и вети дека ќе донира 1 милион дрвја.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот