X
 27.05.2021 Наша тема

Може ли четиричлено семејство во Македонија да преживее со две минимални плати?

Синдикалната минимална кошница, поради инфлацијата, само во текот на изминатиот месец порасна за двесте денари, достигна 33.976 денари и не е комплетна

Четиричлено македонско семејство со две малолетни деца, во кое двајцата родители добиваат минимална плата во висина од 15.194 денари, не можат да ги покрие основните трошоци во домот. Синдикалната минимална кошница, која последниве десетина години ја изработува Сојузот на синдикати на Македонија, поради инфлацијата, само во текот на изминатиот месец порасна за двесте денари и достигна 33.976 денари, а во неа не се предвидени трошоци за автомобил, ниту пак за рекреација, образование или посета на ресторани.

Од ССМ посочуваат дека просечната плата покрива 70 до 80 отсто од минималната кошница и додаваат дека кошницата е пореален модел на пресметување на трошоците за живот.
Во неа, типот на претпоставено домаќинство е четиричлено семејство, кое живее во дом од 50 квадратни метри и не поседува автомобил.



Каде се рекреација, образование, прослави...

Синдикалната кошница вклучува седум групи, исхрана и пијалаци, домување, хигиена, превоз, облека и обувки, култура и одржување здравје. Синдикалците објаснуваат дека во првата група, која е преземена од Државниот завод за статистика, се вклучени 63 производи, кои не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, туку можностите, навиките и традицијата во исхраната. Домувањето има две подгрупи: комунални трошоци, со пет елементи, и покуќнина, опрема за куќа и одржување, што се следи преку 13 добра. Хигиената, исто така, две подгрупи - личната хигиена со седум производи и хигиената на домот исто со седум производи, пресметани по минимум количини по најниски цени. Во трошоците за превозот се вклучени два месечни билети, работнички и студентски. Облеката и обувките вклучуваат набавка на по едно парче облека и обувки за секој член на семејството по сезони. Во пресметката за култура се вклучени трошоците на три производи, и тоа еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник. Категоријата одржување и здравје вклучува основни трошоци за лекарства, без лекарствата за хроничните болести.

- Во синдикалната минимална кошница не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци. Промените на цените се исто така динамични. Особено варираат регулираните цени на струјата, парното, водата, кои минатата година отидоа нагоре, што ги зголемува животните трошоци. Последните податоци говорат дека синдикалната кошница за април 2021 година е зголемена за 204 денари во споредба со претходниот месец поради евидентното зголемување на индексите на трошоците за живот за април, и тоа на исхрана и пијалаци за 1,2 отсто, облека и обувки за 1 отсто и хигиена за 1,1 отсто. Вредноста на кошницата за април изнесува 33.976 денари. ССМ оправдано бараше минималната плата да изнесува најмалку 60 отсто од просечната. Ниту просечна, а ни две минимални плати не ја покриваат синдикалната кошница. За овие трошоци, на едно четиричлено семејство му недостигаат 3.596 денари, па оттука усогласувањето на висината на минималната плата не требаше да биде со надгласување на работниците - велат од ССМ и дополнуваат дека усогласувањето на минимална плата за 235 денари, наместо за 446 денари колку што бараа, е занемарливо поради растот на цените на храната и пијалаците, обувките и хигиенските производи кои се составен дел од кошницата.

Сè повеќе невработени, пад на плати, неоправдано зголемување на цените


Економистите укажуваат дека со оглед на долготрајноста на пандемијата, очекувано е таа да се одрази и врз економијата, а оттука и врз работниците и нивните примања. Потенцираат дека само со организиран и солидарен настап може да се спротивстават на намалувањето на нивните плати и права, што се наметнува поради траењето на кризата.



- Пролонгирањето на една здравствена криза не може да не предизвика економска криза. Економска криза во услови на капитализам најмногу ги погодува работниците и сите сиромашни, а капиталистите и богатите дури и го зголемуваат своето богатство. Моќта на државата да ја држи ситуацијата под контрола ослабнува како што се пролонгира кризата.
Нашата држава, по цена на енормно задолжување (кое следните години ќе го враќаме), досега ја држеше ситуацијата под контрола. Поради намалените можности за потрошувачка, работниците досега и при намалени приходи не чувствуваа посериозен удар врз својот животен стандард - вели професорот Здравко Савески.

Тој укажува дека во следниот период нè очекува уште поголемо зголемување на невработеноста, но и пад на платите, што ќе биде дополнителен удар врз работниците, поради што потенцира дека најдобра заштита е организираноста.

- Во следниот период се очекува раст на бројот на отпуштени работници, намалување на платите и раст на цените на прехранбените производи, особено на увозните. Во таква ситуација, ако работниците конечно не раскрстат со празните надежи дека некој друг ќе им помогне и не почнат да се организираат и организирано и солидарно да се спротивстават на ударите што им претстојат, тогаш им претстои период на сериозно осиромашување и губење на работните места - истакнува Савески.

За да им помогнат на работниците, односно оние со минимална плата, од ССМ велат оти поднеле пријави за работодавци кои незаконски им пресметуваат и исплаќаат плата на работниците. Истовремено на работниците им укажале дека минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата што работодавецот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време.

- Платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци. Основната плата не може да биде пониска од минималната утврдена со закон. За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 отсто или вкупно 250 проценти, а додатоците, меѓусебно не се исклучуваат - велат од ССМ. Укажуваат дека работодавецот не смее своите побарувања кон работникот без писмена согласност да ги порамни со својата обврска за исплата на платата.

Тие ги охрабруваат работниците да ја преземат мобилната апликација ССМ - мои работнички права, преку која можат да пријават прекршено работничко право за себе и за друго лице, анонимно и да комуницираат или да следат вести и совети од ССМ.
- Зголемувањето на цените е неоправдано, особено ако се има предвид дека производите претходно поскапуваа, а не беше поскапен ниту транспортот ниту суровините, па апелираме до надлежните институции за зголемен ангажман и зачестени контроли за оправданоста на зголемувањето на цените кои директно влијаат врз квалитетот и достоинствениот живот на македонскиот работник. Особено поради тоа што веќе сме во фаза кога тоа што работниците можеле да си го дозволат до вчера, од денес веќе не се во можност да си го дозволат - потенцираат од ССМ.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема