Иако честопати скандинавскиот образовен модел и начин на живеење го земеме за пример „како би требало да биде и кај нас“, нивната младина далеку „полудо“ ги поминува последните денови од средношколското образование во споредба со нашите матуранти.
Имено таму „норијадата“ или во превод „лудориите“, како што пишува „
Бизнис инсајдер“, траат цел месец, со изобилство алкохол, секс и разни бизарни предизвици, а се нарекуваат „russefeiring“ или скратено „the russ“.
„Американските филмови честопати оставаат впечаток дека таму сè е забавно лудо. Но сепак, најлудите забави се одржуваат тука во Норвешка. Мислам дека никаде во светот не е вака“, вели ученикот Фредерик Хелгесен.
„
Russefeiring“ е настан што почнува во средината на април и трае до 17 мај кога во Норвешка се прославува Денот на државноста. Славениците се препознаваат по специфичната облека што ја носат во „russebukse“ сина и црвена боја. Она што е интересно е дека поголемиот дел од овој настан е концентриран околу таканаречените „party автобуси“, кои тинејџерите ги изнајмуваат заедно со возачите. Автобусите ги развозуваат насекаде низ земјата, главно од фестивал до фестивал, а изнајмувањето на еден автобус за 15 до 25 ученици чини и до 116.000 долари.
Паузите од фестивалите учениците ги пополнуваат со необични предизвици – од носење на папучи изработени од векни леб, водење љубов на отворено, па сè до пиење алкохол 24 часа без прекин.
Сè се завршува на 17 мај, на Денот на државноста на Норвешка, кога се пее химната, а учениците учествуваат во разни традиционални паради кои се организираат на тој датум. Дури после еден месец прославување, матурантите почнуваат со подготовки за матурските испити.