X
 20.06.2017 Здравје

Внимавајте, летото носи труења! Како се препознава труење со храна?

Стомачните вируси кои активно заразуваат периодов можеби и не можеме да ги спречиме, но може да се заштитиме од труењата со храна, кои, исто така, се ризик што ни го носи топлото време и летото. Затруени со расипана или неправилно чувана и третирана храна, се редовни пациенти на инфектолозите, особено на лето. За да се спасиме од мачните симптоми на труење, лекови, инфузии или лежење во болница тие советуваат да бидеме повнимателни, а доколку се случи труење навреме да побараме помош.


Како се препознава труење со храна?

Труењето со храна може да биде многу опасно за децата и за постарите, за бремените жени и за хронично болните. Симптомите може да се појават и по 72 часа после јадењето од заразената храна. Во топлите месеци се зголемува ризикот од труење со храна, вели д-р Андреа Николова-Пауновиќ, матичен лекар, па граѓаните мора да се попретпазливи.
- Труењето може да се препознае по симптоми како повраќање, проливи, треска, зголемена телесна температура – вели докторката.

Лекарите труењата ги делат на алиментарни интоксикации и на токсоинфекции. Алиментарните интоксикации, објаснува Николова-Пауновиќ, предизвикуваат повраќање, една-две кашести столици, но поминуваат без зголемена температура.
- Доколку се случи вакво труење на организмот му е потребна рехидратација – вели нашата соговорничка.

Токсоинфекциите, пак, предизвикуваат главоболка, треска, покачена телесна температура, повраќање, поголем број столици.
- При вакво труење може да се изгуби многу вода од организмот и неретко е потребно болничко лекување. Секој организам е различен и затоа мојот совет е да се јавите на лекар кога ќе почувствувате слабост, а тој ќе одлучи за терапијата или евнтуално праќање кај инфектолог – додава докторката.

Чистете за да не се размножуваат микроорганизми

Секој од нас може да го спречи размножувањето на микроорганизмите во храната, велат лекарите од Институт за јавно здравје-ИЈЗ, преку следење на препораките на т.н. пет клучеви за побезбедна храна: одржување на хигиената; одделување на сировата од подготвената храна; термичка обработка на храната (варење, печење, пржење); чување на храната на безбедни температури; користете безбедна вода и свежи продукти.
- Измијте ги рацете пред да ракувате со храната и мијте ги често додека ја подготвувате. Измијте и исчистете ги сите површини и приборот што ги користите за подготвување на храна. Исто така треба да ги заштитете и ја храната и кујнските површини од инсекти, штетници и други животни. Додека храната се подготвува треба да се исчисти за микроорганизмите да немаат можност да растат и да се размножуваат. Треба да се внимава да биде чист приборот за јадење, пиење и готвење – велат лекарите.

Посебен нож за месо, посебен за салата

Свежото месо може да има бактерии, кои потоа се уништуваат со термичката обработка и затоа е значајно да не се меша со храната која не се подготвува на висока температура или, пак, со таа која е веќе подготвена. Поради истата причина се советува да се користи посебна опрема и прибор за работа (ножеви или даски за сечење) при обработката на сировата храна.
- Во ладилник чувајте го сировото месо, живината и морската храна под храната која е веќе подготвена за јадење. Храната мора да се подредува н начин на кој ќе спречи вкрстена контаминација, ширење на бактериите – советуваат лекрите.

На колку степени се уништуваат бактериите

Храната треба добро да се обработи термички, а особено месото, живината, јајцата и морската храна, за да се уништат живите микроорганизми. При термичка обработка на месото, треба да сме сигурни дека достигнало температува од 70 степени целзиусови.
- При подготвувањето на супи или варива, бидете сигурни дека се зовриени и дека достигнале минимум 70 степени Целзиусови. Кога ја загревате веќе подготвената храна, направете го тоа добро – велат од ИЈЗ. Подготвената храна не смее да стои на собна температур подолго од 1 час, а смрзнатата треба да се одмзнува во ладилник.

Само едно подгревање

Остатокот од приготвените оброци не треба да се чува во ладилник повеќе од 3 дена, а може само еднаш да се подгрее за повторно да се јаде. Лекарите велат дека има храна која не може да се чува денес за утре, како компир салата или зготвен спанаќ. Кај инфектолозите неретко доаѓале пациенти кои си направиле проблем оти изеле ваква стоена храна.
- Зеленчукот и овошјето пред употреба задолжително треба да се измијат со чиста безбедна вода. Тие се сметаат како значајни извори на патогени микроорганизми и хемиски контаминенти. Исто така, треба да се отстранат оштетените делови од овошјето или зеленчукот заради тоа што бактериите можат да навлезат на тие места – објаснуваат лекарите.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје