X
 20.06.2019 Здравје

Недовербата во вакцините е светски проблем

Најголемото светско истражување кое ги опфатило ставовите на луѓето за имунизацијата покажува дека довербата е на ниско ниво.

Недовербата на јавноста кон вакцините значи дека светот отиде чекор назад во борбата против смртоносните заразни болести, предупредуваат експертите. Најголемото светско истражување за имунизацијата покажува дека луѓето во некои делови од светот немаат довеба во вакцините.

Независната хуманитарна организација „Велкам Траст“ ја претстави анализата што вклучува одговори на повеќе од 140.000 луѓе во 140 земји.

Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека недовербата во вакцините е меѓу првите десе закани за јавното здравје.

„Велкам Глобал Монитор“ спровело истражување во 142 земји. Темите на истражување се: доверба во науката, научниците и здравствените информации; нивото на разбирање и интерес за науката и здравјето и ставови кон вакцината.

Светското истражување покажа дека голем број луѓе мислат дека вакцините не можат да им помогнат. Кога биле запрашани дали е безбедно да се користат вакцините:

- 79 отсто (8 од 10) одговориле „делумно се согласувам“ или „целосно се согласувам“
- 7 отсто одговориле „делумно не се согласувам“ или „целосно не се согласувам“ -
14 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат или не знаат

Кога биле прашани дали веруваат во тоа дека вакцините можат да помогнат:

- 84 отсто целосно или делумно се согласуваат
- 5 отсто целосно или делумно не се согласуваат
- 12 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат или не знаат

Зошто ова е важно?

Постојат голем број научни докази дека вакцинацијата е најдобра одбрана од смртоносните и исцрпувачки инфекции како што се малите сипаниси.

Вакцините штитат милијарди луѓе низ светот. Болестите како големи сипаници се целосно искоренети, додека поради вакцинацијата скоро е исчезната и детската парализа.

Но, некои други тешки болести, како малите сипаници, повторно се појавуваат и експертите велат дека луѓето кои избегнуваат вакцини се оние кои се плашат и оние кои веруваат во дезинформации.

Д-р Ен Линдстранд, експерт за имунизација во СЗО изјави дека моменталнта ситуација е доста сериозна.

- Незадоволството со вакцините доведува до пречки во светскиот напредок во контролата на болестите што можат да се спречат со овој метод - вели Линдстранд и додава дека новото појавување на овие болести е неприфатливо.

Малите сипаници се вратија

Во земјите во кои оваа болест била близу искоренување, дошло до големи епидемии. Истражувањето покажува пораст на овие болести во скоро сите делови од светот, со 30 отсто повеќе случаи во 2017 отколку во 2016 година.

1
Фото: BBC


Одлуката да не се изврши вакцинација од било која причина претставува ризик за другите. Ако се вакцинираат доволно луѓе, се спречува ширење на болести - нешто што експертите го нарекуваат „колективен имунитет“

Зошто постои недоверба?


Во земјите во кои граѓаните имаат најголеми примања, довербата во безбедноста на вакцините е најмала. Во Франција, една од европските земји во кои се појави епидемија на мали сипаници, 3 од 5 испитаници велат дека вакцините не се безбедни. Освен тоа, Французите не веруваат и дека вакцините се ефикасни (19 отсто) и не веруваат во тоа дека се важни за децата (10 отсто).

Во Италија 76 отсто од испитаниците се согласуваат дека вакцините се безбедни. Во Италија неодамна се донесе закон со кој невакцинираните деца не можат да одат на училиште, а за нивните родители е предвидена казна.

Велика Британија допрва треба да направи вакви чекори, но министерот за здравје Мет Хекок вели дека планира да воведе задолжително вакцинирање, доколку е потребно.

2
Фото: ВВС

Во Америка оваа година исто така изби епидемија на мали сипаници, најголема во послените неколку децении.

Со Северна Америка и во јужна и северна Европа, повеќе од 70 отсто од луѓето се согласуваат дека вакцините се безбедни. Овој процент во западна Европа е 59 отсто, а во источна 50 отсто.

Во Украина, која пријави најголем број случаи на заболени од мали сипаници во Европа (53.218), само 50 отсто од луѓето се согласуваат дека вакцините се ефикасни.

Во Белорусија процентот е 46, во Молдавија 49, а во Русија 62.

Во Македонија, 54 отсто од луѓето се согласуваат дека вакцините се безбедни, 14 отсто не се согласуваат, 26 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат, а 7 отсто немаат оформено мислење. На прашањето дали вакцините се безбедни, 61 отсто од Македонците се согласуваат, 9 отсто не се согласуваат, 23 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат и 8 отсто немаат оформено мислење.

Изјавата дека вакцините се важни за децата ја поддржуваат 81 отсто од Македонците, 6 отсто не се согласуваат, 12 отсто ниту се согласуваат ниту не се согласуваат, а 1 отсто немаат оформено мислење.

Успешни приказни


Повеќето луѓе во подрачјата со пониски приходи се согласуваат дека вакцините се безбедни. Најголем број има во јужна Азија, каде со овој став се согласуваат 95 отсто од луѓето, а веднаш зад нив е источна Африка со 92 отсто.

Бангладеш и Руанда постигнаа високи стапки на имунизација и покрај многуте потешкотии вакцините физички да стигнат до луѓето. Руанда стана првата земја во светот што на младите жени им даде можност да се вакцинираат против ХПВ вирусот.

Зошто луѓето се скептични?


Во анкетата, испитаниците изјавија дека најмногу доверба имаат во научниците, докторите и медицинските сестри.

Извештајот не покажува зошто довербата во вакцините е на толку ниско ниво, но се верува дека многу фактори влијаат на тоа. Некои мислат дека ако болеста не е честа, од неа нема опасност, па со самото тоа за неа не е потребна вакцина. Сите лекови, вклучувајќи ги и вакцините, може да имаат нуспојава. Но, вакцините темелно се тестираат за да се провери дали се безбедни и ефикасни за луѓето.

На интернет можат да се прочитаат различни мислења на оваа тема, а многу од нив не се поткрепени со проверени факти.

Во Јапонија постои загриженост околу вакцината против ХПВ, поради тврдењето дека предизвикува невролошки проблеми, а експертите сметаат дека тоа ќе доведе до целосна недоверба во имунизацијата.

Една од најважните интервенции за сузбивање на сомнежите околу вакцината е обучувањето на здравствените работници и нивната можност да одговорат на сите прашања што ги мачат родителите и сите оние кои треба да се вакцинираат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје