Изминатата година, поради пандемијата, изолацијата и физичкото дистанцирање, апликацијата „Зум“ имаше рекорден број корисници и беше најпреземана апликација на „Епл стор“. И други слични апликации, како „Скајп“ или „Гугл мит“, доживеаја огромна популарност.
Нивната употреба е зголемена кај постарата популација, бидејќи од почетокот на пандемијата технологијата беше единствениот начин да се одржат врски со блиски луѓе и да се надминат физичкото и социјално дистанцирање и изолацијата, па научниците ги интересирало како употребата на технологијата влијае врз здравјето на мозокот кај постарите лица, особено меморијата.
Истражување спроведено од Институтот за стареење при Универзитетот „Гелер“, западен Лондон, открило дека апликациите како „Зум“ имаат најголема корист за постарите лица бидејќи ги намалуваат шансите за развој на деменција.
Редовната комуникација им помага да ја одржуваат долгорочната меморија, а сега се покажа дека
постарите лица што често користат модерна технологија за комуникација губат помалку меморија од оние што не ги користат овие алатки.
Фото: Freepik
Истражувањето испитувало како комуницираат 11.418 мажи и жени постари од 50 години, а тие одговарале на прашања за тоа колку често комуницираат со семејството и пријателите преку интернет, колку по телефон и колку „во четири очи“, по што решиле тестови за меморија во кои требало да запомнат десет збора во различни интервали.
Учесниците што комуницирале со другите лице в лице покажале поголем пад на когнитивните способности отколку оние што одржувале контакт со семејството и пријателите со помош на технологијата.
- Сега, првпат, го покажавме влијанието на тоа колку различните видови интеракции се важни за долгорочната меморија и колку имаат корист постарите луѓе од додавањето модерна комуникација во традиционалната комуникација - изјави Снори Рафнсон, водачот на истражувањето.
Истражување од минатата година, исто така, покажа дека оние што се склони кон негативно размислување на помлада возраст имаат поголема веројатност да развијат разни форми на деменција подоцна во животот.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Freepik