Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова трајна адреса, под Националната опера и балет, информираше на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Поточно, како што информира министерката, станува збор за зграда 1, влез 1 на булевар „Гоце Делчев“ број 4 на катастерска парцела број 9505/1, катастарска општина Центар 1, имотен лист 40986, односно дека се работи за 475 квадратни метри од вкупниот простор од 1448 квадратни метри под Национална опера и балет, за чие соодветно реновирање има и проект и обезбедени средства.
- Овој простор од 476 квадратни метри е со трајно користење на Министерството за култура. Откако беше заокружен целиот процес, кој заради почитување на законските процедури и рокови што неминовно траеше неколку недели, Владата на денешната седница донесе одлука овој простор да и припадне на НУ Џез оркестар и на тој начин најдобро да се искористи и сочува државниот имот - додаде Костадиновска Стојчевска.
Таа нагласи дека иако се работи за државен имот, беше потребно време за комплетирање на документацијата, запазување на сите законски постапки и изготвување на проект за реконструкција и адаптација на просторот, а сето тоа одеше етапно и се разгледуваше на неколку владини седници
- Јас моето ветување кон јавноста, а пред се кон вработените кон Филхармонија го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазување на сите неопходни процедури, ова ветување го доржив во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Чесен епилог на сево ова е извинувања кон јавноста и публиката од директорката и управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини - додаде министерката.
Таа посочи оти верува дека вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија.
- Ги повикувам сите вработени во Филхармонија да ги запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа, да се посветат на творештвото и да дадат придонес во нормализација на односите. Тоа сите и го должиме на публиката. Да го дочекаме големиот Мехта достоинствено. Ова е крај на манипулативните и непотребно создадени тензии меѓу колеги музичари. Не сакам да навлегувам во тоа кому и зошто му беа потребни, но тие тензии се создадени и прават штета. Сите имаме одговорност да создаваме решенија. А тие што одбиваат да градат мир, чесно е да се повлечат - додаде Костадиновска Стојчевска.
Таа на музичарите и од Филхармонија и од Џез оркестарот им посака успешна и плодотворна работа и соработка.
- Просториите на Националната установа Џез оркестар се спроти просториите на Културно уметничкото друштво „Орце Николов“. Верувам дека ќе бидат добри соседи и, на наше задоволство, можеби ќе нè изненадат со некој уникатен заеднички проект - додаде Костадиновска Стојчевска.
На прашање кога конкретно НУ Џез оркестарот ќе влезе во новите простории, таа посочи дека просториите би требало да бидат оспособени до крајот на годината.
- Наредна недела ќе го објавиме идејното решение, ќе имаме јавна презентација и бидејќи се работи за веќе обезбедени финансиски средства, јас се надевам дека реконструкцијата на новите простории ќе започне во најкус можен рок и дека можеби до крајот на годината веќе ќе имаме оспособени простории, за тие да можат нормално да функционираат - рече Костадиновска Стојчевска.
Прашана дали веќе правно формално е формирана НУ Џез оркестар, таа посочи дека новата установа само уште чека „црно на бело“ за своја жиро сметка и веќе е формирана.
Извор: МИА