X
 20.07.2022 Култура

Годинашното издание на „Браќа Манаки“ ќе трае 8 дена

Најновото 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе се одржува од 20 до 27 август во Битола. Ова издание е подолго од претходните две - ќе се одвива вкупно осум дена, соопшти на денешната прес-конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Симеон Мони Дамевски.

– Фестивалот ќе изобилува со програми, натпреварувачки, ревијални… Вративме сѐ или речиси сѐ што постоело претходно на фестивалот наспроти околностите, наспроти економската криза во светот, инфлацијата - рече Дамевски, додавајќи дека годинава фестивалот е битолски.

Публиката ќе може да погледне 14 играни филма во натпреварувачката програма, има извонредна селекција, 12 натпреварувачки филма во кратката програма, годинава се враќа документарната програма, има студентска програма која порано беше регионална, а сега е европска, има кратка програма, има „Мак корнер програма“ на која ќе бидат прикажани сите заинтересирани продуценти кои имаат реализирано македонски филмови кои изминатите две години немале можно тоа да го направат.

Дамевски додаде дека годинава има исклучителен добитник на наградата на Фестивалот, сестран кинематографер Ентони Дод Ментл, кој ќе дојде во Битола и ќе ја прими наградата.
Селекторот на долгометражната натпреварувачка програма, Слаѓан Пенев, информира дека оваа година има 14 филма, или по два-три филма во една вечер или во еден ден, во големата сала на Домот на културата. Изрази надеж дека публиката ќе биде задоволна од изборот и оти ќе го оправдаат името и брендот на Фестивалот.
Тој не ги откри сите имиња на гостите на Фестивалот. Посочи дека има филмови кои доаѓаат од Канскиот фестивал, од Берлинскиот фестивал, од Венецискиот фестивал, од фестивалот во Карлови Вари, има два македонски филма, тоа се „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и „Снежана на крајот умира“ на режисерот Кристијан Ристески.

Селекторот на документарната програма, Кумјана Новакова, надополни дека фестивалот „Браќа Манаки“ е многу важен за виталноста на нашето општеството, како и многу други културни иницијативи, платформи и фестивали во оваа земја. Рече дека фестивалот „Браќа Манаки“ има најдолго искуство и традиција и со тоа има посебна одговорност да биде простор на промени и простор на креативна храброст.
Новакова информира дека 70 отсто од филмовите селектирани во оваа натпреварувачка програма ги потпишуваат жени авторки. Таа не ги откри десетте селектирани филмови и додаде дека во жирито на натпреварувачката документарната програма сите се жени во дух на промените.

Марија Апчевска, селектор на кратката програма, рече дека оваа година има 12 филма кои доаѓаат од целиот свет. Информира дека се работи за филмови кои се снимени од жени, има жени режисерки и има наши, домашни македонски филмови. Дел од филмовите веќе биле на светски фестивали и се наградувани, од автори кои се етаблирани, како и од кинематографери чие време допрва доаѓа.

Ѓорѓи Пулевски информираше за студентската програма „Први чекори“. Посочи дека испратиле покани до речиси сите врвни европски филмски образовни институции и добиле околу 60 филма, од кои избрале 18 филма од 17 земји. Интернационално жири ќе ги види филмовите, ќе ги оцени, а победникот првпат ќе добие награда „Кристална камера 300“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура