Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ги соопшти добитниците на наградите во рамките на програмата „Мак поинт“, посветена на македонскиот филм, а се доделуваат првпат годинава. Според селекторката на „Мак поинт“, Ана Василевска, најголем број гласови од публиката добил филмот „Скопје 2020“ на Радован Петровиќ.
- Второто место го освои филмот „Другарот“ на Димитар Оровчанец, а третото место го делат „Писмото ми го донесе шампионот“, документарен филм на авторите Александар Манасиев и Мирко Трајановски, и „Јас не сум Игор“ на Сергеј Георгиев. Филмот „Скопје 2020“ освен што е добро сработен со автентичен авторски печат, е и многу важен во моментов бидејќи во него има ангажираност и гласно зборува за загадувањето - проблемот со кој се соочува не само нашата држава, туку и светот. Треба да се подигне свеста и индивидуално и колективно, зборува за тоа колку сите ние забораваме на елементарните човекови потреби. Морам да потенцирам дека на оваа тема говори и филмот „Пепел“ на Ѓорѓи Лазов, но на сосема поинаков начин и со друга естетика - истакна Василевска.
За филмот „Другарот“ говореше продуцентот Самир Љума. Тој изрази задоволство што филмот е дел од програмата „Мак поинт“ бидејќи ова е дебитантски филм на Оровчанец, Петар Арсовски има улога за паметење, а Владимир Самоиловски зад камерата завршил одлична работа.
Александар Манасиев и Мирко Трајановски се режисери и сценаристи на филмот „Писмото ми го донесе шампионот“. Манасиев вели дека годинава има многу поквалитетна програма во „Мак поинт“, но тоа е поттик за професионалците да целат малку повисоко. Трајановски, пак, вели дека првичната идеја била да се раскаже приказната за поштарот од Велес кој е државен рекордер на Македонија во трчање ултрамаратон, но и изумирањето на испраќањето писма по пошта како комуникација.