Откако пред две години одекна мотото „Еден кадар за мене, еден за историјата“ на браќата Милтон и Јанаки Манаки, со кои започна балканската филмска историја во Битола, четиридеценискиот континуитет на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ лани беше прекинат поради пандемијата, но годинава, на огромно задоволство на љубителите на филмот, фестивалот продолжува со своето физичко издание. Фестивалскиот дух, помалку или повеќе автентично, и по четири децении сѐ уште се чувствува во градот што со години ги пречекува великаните на светската и домашната кинематографија, со фокус на оние помалку видливите за гладната за сензации публика, оние што најчесто се скриени зад камерата, но чие присуство во крајниот продукт е речиси незаменливо - директорите на фотографија.
Годинава во селекцијата на главната награда „Камера 300“, како што вели селекторот Слаѓан Пенев, се вклучени десет долгометражни играни филмови, кои ги имале своите премиери на големите филмски фестивали во Берлин, Кан и во Карлови Вари.
Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, на позитивно изненадување на љубителите на филмот, годинава од 16 до 21 септември ќе го има своето физичко издание. Беше ли тешко да се подготвува фестивал во пандемски услови?
- Евидентно е дека организаторите на сите поголеми јавни настани последнава 1,5 година се соочуваат со големи предизвици. Епидемиолошката ситуација често се менуваше, препорачаните мерки за безбедност мора да се почитуваат, а кога подготвувате настани на кои е можно да дојдат над сто гости, имате обврска да внимавате на сите можни ризици. И особено доколку еден од клучните елементи се гостите од странство, па секој ден ги проверувате новите ковид-статистики, стравувате од разни црни листи за влез и излез од земјата, менувате аранжмани итн. Тимот што го организира Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ процени дека би било катастрофално доколку и оваа година не се организира пристојно издание на една од најреномираните културни манифестации во Македонија и еден од најзначајните филмски фестивали во регионот. Бевме подготвени на повеќе опции во зависност од епидемиолошката ситуација и мерки и се надеваме дека ќе се реализира опцијата за фестивал со физичко присуство на публиката на сите проекции. За жал, поради влошената епидемиолошка состојба во земјава, дел од планираните гости од странство нема да можат да дојдат.
Ви припадна задачата да го направите изборот за главната натпреварувачка програма на фестивалот. Имаше ли квалитетна продукција во последниве година-две, од она што имавте можност да го погледнете?
- Последниве две години се појавија одлични филмови што ги имаа своите премиери на големите филмски фестивали. Бидејќи минатата година немавме фестивалско издание на „Браќа Манаки“ со филмови во програмата „Камера 300“, списокот со потенцијални филмови за годинашново издание беше прилично голем, и затоа сум уверен дека десетте дела што се избрани во програмата се многу квалитетни и дека со нив и со другите настани на фестивалот достојно ќе ја прославиме креативноста на кинематограферите.
Велите дека вклучивте дела со висока естетика, дела што ќе се обраќаат до широката публика, арт-хаус филмови, дела со силен индивидуален авторски печат... Дали ваквиот баланс меѓу помалку и повеќе комерцијалниот тип на филмови е вистинска формула за успешен фестивал?
- На големите филмски фестивали оваа формула најчесто успешно функционира бидејќи тоа е целта – да се развива филмската уметност, да се помага филмската индустрија и да се слави филмот во светски рамки. Затоа за филмските фестивали се потребни и исклучителни дела со силен авторски печат, но и пристојни дела направени од филмските професионалци што се наменети за пошироката публика. И затоа на фестивалот „Браќа Манаки“ се обидуваме секогаш да имаме и неколку филмови што се наградувани на филмските фестивали, дела на докажани имиња во филмската уметност или дела што предизвикуваат поголемо внимание помеѓу критиката или гледачите. Секако, главниот фокус на фестивалот е филмската камера и доколку филмот не ги задоволува првенствено критериумите за визуелната естетика, не може да биде во поширокиот избор за учество на фестивалот.
Што нудат овој пат искусните автори, а што оние помалку познатите филмаџии, дали кај нив има потенцијал?
- Ако гледаме според изборот на филмовите во програмата „Камера 300“, постои голем потенцијал и кај не толку познатите филмаџии. Имаме четворица режисери на кои филмот во оваа програма им е дебитантски, но сите тие добија некоја награда од жиријата или од критиката на некој од поголемите филмски фестивали. И во однос на двајцата директори на фотографија (Наум Доксевски и Камал Сами), на кои филмот во оваа програма им е дебитантски долгометражен филм, сметам дека нивното време допрва доаѓа.
Програмата се состои од седум европски, два азиски и еден африкански филм. Какви се тенденциите на овие комплетно различни кинематографии и сензибилитети?
- Би било претерано да се генерализира за националните или континенталните кинематографии во однос на сензибилитетите бидејќи не само што во рамките на една национална кинематографија се појавуваат дела што се под доминантно влијание на дела препознатливи за друга национална кинематографија, туку и поради потребата за наоѓање дополнителни средства за финансирање. Најголем дел од денешните успешни фестивалски филмови се резултат на партнерства помеѓу продуценти од две и повеќе различни држави, со што неминовно доаѓа и до влијание и на такви помешани, не само културни, туку и генерациски, сензибилитети. Во однос на филмовите од програмата, имаме ирански филм („Не постои зло“), кој во голема мера може да се смета за препознатлив продукт на иранската кинематографија. Истовремено, имаме и македонски филм („Сестри“) или норвешки филм („Најлошата личност на светот“), кои и по приказната и по техничкиот пристап може да бидат препознаени како свое дело во речиси секоја напредна кинематографија.
Меѓу филмовите во главната програма се и дела на филмаџии што веќе гостувале во Битола и освојувале награди на фестивалот, но има и нови и релативно непознати имиња за нашата публика, што донесуваат тие?
- Филмаџиите што веќе гостувале на ИФФК „Браќа Манаки“ и освојувале награди имаат посебно место во фестивалската меморија и секогаш се драги гости на фестивалот. Ги следиме нивните нови дела и се радуваме на нивните успеси бидејќи тоа ни потврдува дека нашиот избор бил правилен и релевантен. Оваа година ќе имаме тројца кинематографери што претходно учествувале во програмата „Камера 300“ и добиле една од главните награди на фестивалот. Првиот е Јани-Петери Паси, кој во 2016 година освои „Златна камера 300“ со филмот „Најсреќниот ден во животот на Оли Маки“, во режија на Јухо Куосманен. Тандемот Паси-Куосманен ќе биде дел и од овогодишната компетиција „Камера 300“ со филмот „Купе бр.6“. Вториот е кинематограферот Рубен Импенс, кој ни е познат од гостувањето во Битола со филмот „Белжика“, за кој ја доби „Сребрената камера 300“. Овој пат Импенс е директор на фотографија на филмот „Титан“ во режија на Жулиа Дукорно, која ја освои „Златната палма“ на неодамнешниот Филмски фестивал во Кан. Третата кинематограферка, која е лауреатка од нашиот фестивал од 2019 година, е Хелен Лувар. Тогаш ја доби „Златната камера 300“ за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“, а сега ќе биде повторно на фестивалската програма со филмот „Мурина“.
Наградата „Камера 300“ му се доделува на директор на фотографија, па дали при селекцијата главно се водевте од квалитетот на овој сегмент на филмот или вклучивте дела што се извонредни и наградувани?
- Се трудиме да донесеме комплетно маестрално реализирани филмови со извонредна фотографија. И среќен сум што најголем дел од филмовите во програмата „Камера 300“ оваа година се такви.
Во трка за награда е и еден македонски филм - „Сестри“ на режисерката Дина Дума и кинематограферот Наум Доксевски. Каква фотографијата донесува овој филм?
- Филмот „Сестри“ има прекрасна фотографија и работата на кинематограферот Наум Доксевски е во голема мера заслужна за одличниот финален продукт. Како што кажав и претходно, визуализацијата е една од најсилните страни на овој филм, особено во сцените снимени во вода. Зрнестата структура што доминира во фотографијата со својот ретро шмек како да се спротивставува на дигиталната острина на милионите филтрирани хиперреалистични фотографии од мобилните телефони што младите дневно ги објавуваат на социјалните мрежи.