X
 19.09.2019 Култура

Кога бев дете, ги гледавме камерманите како вистински богови - мастер-клас со Јоргос Арванитис, лауреатот на „Браќа Манаки“

Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60-тите години се вратил од Франција

Се бараше место повеќе за синоќешната проекција на „Медена земја“ на Интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“. Салата на Центарот за култура во Битола беше преполна и речиси немаше место за сите битолчани што дојдоа да го видат македонскиот кандидат за „Оскар“. Продуцентот Атанас Георгиев и кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума беа поздравени со громогласен аплауз, а потоа одговараа на прашања од публиката.
Речиси во исто време во Битола пристигна вториот добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, Јоргос Арванитис, кој денеска одржа мастер-клас.
- Кога си млад и ентузијаст, ги преземаш ризиците - порача мајсторот на европската кинематографија.



Грчкиот кинематографер со култен статус во Европа и во светот и со близу 150 наслови во неговата кариера ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и во Европа. Роден е во грчко село во 1941 година. По разурнувањата во Втората светска војна неговото семејство се преселило кај роднини што имале млекарница, па Јоргос како петгодишно дете наутро разнесувал млеко, а попладне одел на училиште. Школувањето го продолжил учејќи за електричар, а првпат отишол во кино на 15-годишна возраст.

Првиот контакт со професионалниот филм му бил кога во соседството се снимал некој филм, па Јоргос го замолил кинооператорот од локалното кино да му помогне да работи нешто на сетот. Најмногу бил фасциниран од камерата, и вели дека за тогашните деца камерманите биле вистински богови.
- Најдов една црно-бела лента и со помош на две светла го снимив мојот прв филм. Филмот го прикажав во киното и добив понуда да бидам асистент на камера. Следните пет години бев асистент на камера - се сеќава Арванитис на неговата младешка фасцинација.

Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60-тите години се вратил од Франција. Модераторот Масимо Леки забележа дека е необичен спојот на Ангелопулос, кој бил марксистички настроен филмски критичар, и самоукиот кинематографер Арванитис, кој научил сè за камерата снимајќи филмови.

Арванитис потенцира дека во пионерските денови бил голем ентузијаст и ги преземал ризиците. Леки, пак, забележа дека уште во првите заеднички дела на Арванитис и Ангелопулос се гледаат пејзажите од Грција кои ќе бидат доминантни во целиот опус на Ангелопулос.



- Имав проблем со Ангелопулос бидејќи тој во неговите филмови постојано ја избираше истата локација – Воден - вели Арванитис.
Пресвртна точка во интернационализирање на нивните кариери е филмот „Пејзажи во магла“ од 1980 година, а нивниот последен заеднички филм е „Вечност и еден ден“ од 1998 година. Тој филм беше овенчан со „Златна палма“ во Кан.

Веќе вториот заеднички филм „Деновите од 1936“ е снимен во колор. Во тој период Арванитис бил вработен во едно филмско студио, а секој ден во попладневните и вечерните часови работел со Ангелопулос. Од филтрите што „отпаѓале“ поради неадекватната боја во процесот на снимање на филмови во студиото со Ангелопулос го снимиле нивниот втор филм. Кога требало да снима комедија, Арванитис си дал отказ и ја продолжил кариерата како фриленсер. Останатото е подобриот дел на историјата на грчкиот и европскиот филм од 60-тите години до денес.

Во тој период со Грција владеела воената хунта, па Арванитис раскажуваше анегдоти како ја избегнувале цензурата за левичарските арт-филмови што ги снимале со Ангелопулос. Раскажувајќи за неговото професорско искуство на филмската академија „Фемис“ во Париз, Арванитис потенцира дека може да се направи добра сцена со малку светло и многу организација. Тоа е и неговото кредо. Арванитис потсети на значењето на зборот фотографија, кој значи пишување со светлина.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура