Независниот македонски краток филм „Мавера“ вечерва ќе ја има својата премиера на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“, како единствен македонски краток филм во официјалната селекција. Филмот премиерно ќе биде прикажан денеска, во 19 часот, во Центарот за култура на Битола.
Овој краток филм е независен, без никаква надворешна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и Апофенија Пост.
Приказната го следи животот на Билјана, која живее во мал град во Македонија и по смртта на нејзиниот татко сака да ја продаде семејната куќа, со цел сестра си Вики да ја испрати во Германија за подобра иднина. Но, дисфункционалниот бирократски систем е голема пречка за нејзината цел, таа пред законот мора да ја докаже смртта на нивниот татко, кој веќе е погребан.
Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз.
Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска.
Кинематограферот на филмот - Стефан Ѓоргиевски се натпреварува за Мала камера 300 - наградата во официјалната конкуренција на кратки филмови.