Со прикажување на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски, утре во Битола почнува 44. издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе се одржува до 29 септември под мотото „Прекрасното на непознатото“ (The Beautiful Unknown), а годинава се очекуваат 400 гости.
Кинематографер на „Домаќинство за почетници“ е Наум Доксевски, а продуцент Марија Димитрова (Лист продукција). Филмот на Столевски е баран по светските фестивали и е откупен од Универзал студио за дистрибуција во САД.
На Фестивалот ќе бидат прикажани повеќе од 70 филма, распоредени во неколку натпреварувачки програми. Во главната програма се 12 филма, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.
Во рамките на Фестивалот, награда за животно дело „Златна камера 300“ ќе ја добие британскиот кинематографер Питер Бижу, а актерката и продуцент Лабина Митевска е годинашна добитничка на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ – награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година.
Познатиот кинематограф Шејмас Мекгарви е добитник на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.
Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, вчера на прес-конференција информира дека се очекуваат 400 гости, од кои 160 се странски.
Извор: МИА