Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни 2021 година изнесува 28.744 денари, додека просечната бруто-плата за истиот месец изнесува 42.950 денари, соопшти Државниот завод за статистика.
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни 2021 година, во однос на јуни 2020 година, изнесува 107.0. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (25,1%), уметност, забава и рекреација (20,5%) и информации и комуникации (14,1%). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (4,3%), јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (2,6%) и рударство и вадење камен (1,6%).
Традиционално, највисока просечна нето-плата има во секторот информации и комуникации, каде што во јуни просекот бил 54.627 денари, а најистакнати тука се вработените во компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, каде што просечната нето-плата по вработен во јуни била 72.694 денари. Второто место го заземаат вработените во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување со просечна нето-плата од 46.908 денари, а третото секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 40.860 денари.
Најниската просечна месечна исплатена нето-плата по вработен во јуни е забележана во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна - 20.150 денари.
Во образованието просечната нето-плата за јуни била 27.736 денари.
Фото: ДЗС (printscreen)
Индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во јуни 2021 година, во однос на јуни 2020 година, пак, изнесува 107.1. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна (25.3 %), уметност, забава и рекреација (21,1%) и информации и комуникации (14,1%). Зголемување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: финансиски дејности и дејности на осигурување (5,3%), јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (2,7%) и рударство и вадење на камен (1,7%).
Фото: ДЗС (printscreen)
Насловна фотографија: Freepik