X
 20.08.2026 Живот

„Црна листа“ на гости во Грција? Нема да може секој да изнајми апартман

Додека гостите со години ги оценуваат апартманите, хотелите, сопствениците и туристичките агенции, на популарна туристичка дестинација сè погласно се зборува за можноста и другата страна да добие право на глас. Идејата е да се формира „црна листа на проблематични гости“ кои летуваат во Грција, а пристап би имале сопствениците на апартмани, туристичките агенции, администраторите на фејсбук-групите во кои се огласува сместувањето, но и платформите што посредуваат при резервациите.

Иницијативата за воведување листа со проблематични туристи во Грција се појави во регионалните туристички кругови и на фејсбук-групите како „Грчка инфо“.

Секако, идејата не е на листата да заврши секој што се пожалил на цената, побарал замена на пешкири или напишал дека не му се допаднал погледот од терасата. На неа, според предлогот, би требало да бидат само гости за кои постојат докази за сериозни злоупотреби, како уценување со закани за негативни рецензии во замена за враќање на парите или бесплатни ноќевања, заминување без платени сметки, намерно уништување на инвентарот, кражба, одбивање да се надомести докажана штета, закани и агресивно однесување кон сопствениците и вработените.

Таму би можеле да се најдат и оние што и покрај предупредувањата, сериозно го кршат куќниот ред, организираат забави во објекти во кои тие се забранети или лажно се претставуваат за да остварат финансиска корист. Посебно би се водело сметка за гостите кои истиот образец на однесување го повторуваат во повеќе различни објекти. Хартија, фотографија, сметка, порака, сè би морало да постои за да биде оцената оправдана, а листата целосна, пишува Б92.

Токму документацијата е клучната работа. Ако ваков систем некогаш заживее, пријавата би морала да биде поткрепена со докази и да биде проверлива. Во спротивно, „црната листа“ многу лесно би можела да стане место за лични пресметки, одмазда поради лоша рецензија или едноставно за ситуации во кои на сопственикот не му се допаднал гостинот. А токму тука започнува и најголемата дилема: Кој одлучува кој е проблематичен гостин, кој ги проверува доказите и кој го штити гостинот од лажна пријава?

По објавувањето на оваа идеја на „Грчка инфо“, започнаа коментарите. Се поведе полемика околу прашањето какви се всушност туристите што доаѓаат во Грција и дали „црната листа“ е навистина потребна. Едни сметаат дека е крајно време да се заштитат сопствениците на сместувањето. Велат дека постојат гости кои го користат фактот дека сопственикот по секоја цена ќе сака да избегне лоша рецензија, па се обидуваат да изнудат попуст, враќање на парите или дополнителни поволности.

-Ако гостинот може јавно да напише што и да посака за мене, зошто јас да не можам да го предупредам колегата дека ми направил проблем - е ставот на едната страна.

 Други се многу попретпазливи. Потсетуваат дека туристите не се само „гости кои трошат пари“, туку потрошувачи кои имаат право да се пожалат кога нешто не е во ред. Стравуваат дека границата меѓу „оправдана рекламација“ и „пребирлив гостин“ многу брзо би се изгубила.

„Црна листа“ или заштита за двете страни?

Заговорниците на идејата сметаат дека системот би можел да функционира само доколку би бил строго контролиран. Значи, не би било доволно сопственикот да напише: „Овој гостин не ми се допаѓа.“ Би биле потребни докази: фотографии од штетата, сметки, комуникација, записници, евентуално пријави до надлежните органи или потврди од други објекти во кои се случил сличен инцидент.

Од друга страна, гостинот треба да има можност да дознае дека е пријавен и да ги оспори наводите доколку смета дека се невистинити. Во спротивно, системот што е замислен како заштита на домаќинот многу лесно би можел да стане проблем и за самите гости. Бидејќи, ако веќе постои можност на гостите јавно да им се препорачува или да не им се препорачува некој апартман, сосема е логично да се постави прашањето дали и сопственикот има право да знае со кого склопува зделка. На крајот на краиштата, клучната работа не е тоа дали туристот оставил лоша рецензија, барал враќање на парите или се пожалил. Тоа е дел од нормалниот однос меѓу гостинот и домаќинот.

Проблемот настанува тогаш кога рекламацијата ќе се претвори во уцена, престојот во неплатена сметка, а одморот во уништување на инвентарот.

Извор: бука
Фото:  magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот