Здравите навики се единствениот пат кој води до здраво и среќно дете. Затоа е многу важно уште од мали децата да знаат како да се грижат за нивното орално здравје.
За таа цел, специјалисти по детска и превентивна стоматологија одржаа работилници во градинките во скопската населба Ѓорче Петров поддржани од „Светот на Биби“, каде што беа изготвени презентации со Биби, Боби и другите ликови соодветни за дечињата, а беа обезбедени и материјали за боење.
-Во состав на нашата програма за спроведување на Националната стратегија за превенција на орални заболувања кај децата од 0 до 14 години, опфатени се и предучилишните установи и дечињата од 5 годишна возраст. Преку низа работилници и едукативни предавања во градинките, нашата цел е да допреме до секое дете обучувајќи го како правилно да одржува орална хигиена, како правилно да се исхранува и, секако, редовно да посетува стоматолог. Тоа е многу полесно да се пренесе преку нивните омилени јунаци од ,,Светот на Биби’’ – изјави д-р Евгенија Анастасовска, специјалист по детска и превентивна стоматологија, која е дел од тимот.
Таа додаде дека дечињата уживале во приказната раскажана преку ликовите на Биби и Боби, научиле колку запчиња имаат, како да ги мијат и чуваат, зошто запчињата се разнишуваат и зошто куќичката од чоколадо баш и не е добра за забите.
-Сега знаат дека стоматолозите им се вистински другари и треба да ги посетуваат и тогаш кога немаат проблем со запчињата – нагласува Анастасовска.
Работилниците ги одржаа д-р Евгенија Анастасовска, д-р Ана Рабаџиска и с.с Фикнете Фета, а раководител е д-р спец. Катерина Стаменковска.