X
 26.11.2022 Наша тема

Странски експерти ќе го оценуваат високото образование кај нас - Ќе се разговара и со работодавци кои вработиле дипломци од установата што се евалуира

Законот за високо образование, со цел подобрување на квалитетот на високото образование и приспособување на европските стандарди и практики, предвидува надворешната евалуација на Одборот за евалуација на високообразовните установи да ја вршат стручни комисии во чиј состав најмалку две третини од бројот на членови треба да бидат странски експерти

Новиот Закон за високо образование, донесен во мај 2018, меѓу другото, предвидува формирање на Агенција за квалитет на високото образование (АКВО). Во составот на оваа агенција влегуваат два одбора - Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високообразовните установи (ВОУ). Овие два одбора се формирани на конститутивни седници во март 2020 година. Во нивните состави влегуваат по 15 члена, од кои дванаесет од редот на реномирани професори од македонските универзитети, по еден член од МАНУ, студентската организација и организацијата на работодавци. Законот за високо образование, понатаму, со цел подобрување на квалитетот на високото образование и приспособување на европските стандарди и практики, предвидува надворешната евалуација на ВОУ да ја вршат стручни комисии во чиј состав најмалку две третини од бројот на членови треба да бидат странски експерти. Со професор Владо Гичев, претседател на Одборот за евалуација на високообразовните установи (ВОУ), разговараме околу објавувањето Регистар на странски експерти за евалуација на високото образование и ангажирањето на странски експерти.

Строги критериуми

- Одборот за евалуација ова лето го распиша првиот конкурс за прием на странски професори кои ќе учествуваат во надворешна евалуација на ВОУ. Критериумите за прием на странски професори – експерти за евалуација беа прилично строги и вклучуваа странскиот експерт да е најмалку вонреден професор избран на универзитет во земја членка на европската заедница за квалитет на високото образование (ENQA) и да учествувал во најмалку две евалуации на високообразовни установи во земји членки на Европската Унија. Од педесет и двајца професори што се пријавија на конкурсот, овие услови ги исполнуваа само шеснаесет, од кои четиринаесет влегоа во Регистарот на странски експерти. Вакви конкурси ќе се распишуваат еднаш годишно, со што Регистарот на странски експерти ќе се ажурира на годишно ниво - нѐ информира Гичев.



Надворешната евалуација на ВОУ се врши на тој начин што прво се формира стручна комисија која ќе ги евалуира ВОУ. Бројот на членови на стручната комисија, од кои барем две третини се странци, зависи од вкупниот број акредитирани студиски програми на ВОУ.
Високообразовната установа (ВОУ) што ќе се евалуира е должна да достави извештаи за самоевалуација во последните пет години и други придружни документи кои се од интерес за евалуацијата до стручната комисија. Стручната комисија ги разгледува овие извештаи и прави план за посета на ВОУ со распоред на средби. Посетата на ВОУ која е предмет на надворешна евалуација ја остварува стручната комисија и координатор на стручната комисија, кој е логистичка поддршка на стручната комисија - информира нашиот соговорник.

Ќе се разговара и со три работодавци кои вработуваат лица што дипломирале, магистрирале и докторирале на установата

При посетата, стручната комисија остварува разговор со:
− наставниот кадар на сите циклуси на студии кои се изведуваат на установата (најмалку 10 наставници),
− административно-техничкиот кадар (најмалку 5 вработени);
− претставници на студентите, односно студентските собранија или студентски организации (најмалку 10);
− лица што дипломирале, магистрирале и докторирале на студиските програми во последните 5 години (најмалку 10);
− претставници на најмалку 3 работодавци кои вработуваат лица што дипломирале, магистрирале и докторирале на установата и
− други претставници релевантни за обезбедување на квалитетот на високото образование.

Посетата завршува со состанок помеѓу раководството на високообразовната установа и стручната комисија.

Извештајот содржи предлог за продолжување или одземање на акредитацијата на установата

При остварувањето на посетата, стручната комисија посебно внимание ќе посвети на исполнувањето на стандардите и индикаторите за квалитет на високото образование предвидени во Правилникот за постапките за евалуација.


Професор Владо Гичев

- Врз основа на приложените извештаи од ВОУ и посетата, секој член од комисијата подготвува индивидуален извештај за ВОУ, врз основа на исполнетоста на девет пропишани стандарди во Правилникот, а кои се во согласност со европските стандарди за квалитет на високото образование. По доставување на индивидуалните извештаи, стручната комисија подготвува извештај за надворешна евалуација на ВОУ. Обично овој извештај се донесува со консензус, но во случај на несогласување, член на стручната комисија може да го издвои своето мислење. Стручната комисија го усвојува извештајот со двотретинско мнозинство од бројот на членовите на комисијата. Извештајот задолжително содржи СВОТ-анализа со препораки за подобрување. Извештајот содржи предлог за продолжување или одземање на акредитацијата на установата и на студиските програми што се изведуваат на установата - ни објаснува професорот Гичев.

Составот на стручните комисии за надворешна евалуација на ВОУ од реномирани домашни професори и со двотретинското присуство на странски експерти ја гарантира нивната компетентност. Врз основа на наведените факти се очекува високото образование во Македонија да стане компатибилно со високото образование во земјите членки на Европската Унија и осетно да се подигне неговиот квалитет, завршува Гичев.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема