X
 20.11.2017 Живот

НАСА открива како да останете смирени во најстресните ситуации

Пол Хил, директор за летови во НАСА, во текот на кариерата наишол на многубројни стресни ситуации, па неодамна пред јавноста ги откри најголемите тајни на својот занает.

Тој во 2001 година ја спасил вселенската мисија од сигурна пропаст. Кога дознал дека системот за ладење на вселенскиот шатл „Дискавери“ престанал да работи, бил совршено свесен дека можел да го погуби целиот екипаж на Меѓународната вселенска станица. Во тој момент Хил сфатил дека логиката и потпирањето на дотогашните искуства се клуч за успех, известува „Бизнис инсајдер“.

По десетици сложени вселенски мисии и уште поголем број ризични ситуации, директорот за летови во НАСА развил низа стратегии и ментални вежби за борба против стресот.

Концентрирајте се

„Сите подобро се концентрираат и начелно се поопуштени кога анализираат податоци, разговараат меѓусебно и со директорот за летови преку центарот за комуникации, па конечно – донесуваат одлуки“, вели Хил.

Така, на пример, во текот на гореспоменатата криза со анализа на податоците потврдиле дека системот за ладење во вселенското летало имал вишок влага.

„Да не ја решевме ситуацијата на правилен начин, ќе го изгубевме леталото“, се присетува тој. Откако кризата завршила, управителот на вселенската програма дошол и го пофалил целиот тим. „Во тој момент бев ментално одвоен од она што се случуваше и помислив – овие луѓе навистина прават супер работи. Цело време бев концентриран на вистинската работа – на задачата“, нагласува Хил.

Клуч за успех


Всушност, ова е метода што ја користат контролорите на летови за да се носат со потенцијално катастрофални ситуации. Секојпат кога би дошло време да се носат одлуки, тие се сосредоточуваат на низа прашања:

•    Што сè знаат и не знаат за ситуацијата во која се наоѓаат?
•    Што покажуваат собраните податоци за кризната ситуација?
•    Која е најлошата работа што може да се случи?
•    Дали тимот има доволно информации и на кој начин може да ги добие?
•    Кои се првите чекори што треба да се преземат, а мисијата да напредува со максимална безбедност на сите учесници?

Хил исто така нагласува дека никако не смееме да дозволиме поранешните искуства да влијаат врз согледувањето и сфаќањето на новите – без оглед дали сте контролор на летови во НАСА, претприемач кој започнува нов бизнис или работник на терен.

„Кога било да се најдете во ситуација во која се случуваат лоши работи, сè што треба да си кажете на самите себе е дека веќе трипати сте поминале низ ова и дека методата што сте ја користеле ќе биде корисна и денес“, нагласува експертот од НАСА.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот