X
 21.01.2019 Живот

Зошто во светот има само два збора за „чај“?

Со многу малку исклучоци, во светот има само два начина на кои можете да кажете „чај“. Едниот е како англискиот термин „tea“ (на пример, „té“ на шпански), а другиот е некоја варијација на „ча“ (како „chay“ на хинди јазик).

Двете верзии доаѓаат од Кина. Начинот на кој се ширеле нуди јасна слика како функционирала глобализацијата пред „глобализацијата“ да стане термин кој сите го употребуваат. Зборовите што звучат како „ча“ се ширеле на копното, преку Патот на свилата, додека фразите слични на „tea” се ширеле по воден пат, од страна на холандските трговци кои ги носеле новите ливчиња назад во Европа.

Терминот „ча“ е „синитски“, што значи дека е чест во многу верзии на кинескиот. Тој тргнал од Кина и си го нашол патот низ Централна Азија, на крајот станувајќи „chay” (چای) на персиски. Ова не е чудно ако се знае за трговските рути на Патот на свилата, по кои, според неодамнешни откритија, со чај се тргувало подолго од 2000 години. Оваа форма се проширила надвор од границите на Персија, станувајќи „chay“ на урду, „shay“ на арапски и „chay“ на руски. Стасала дури и до Супсахарска Африка, каде што станала „chai“ на свахили. Јапонските и корејските термини за чај исто така се базирани на истото кинеско „cha“, иако тие јазици веројатно го прифатиле зборот пред тој да навлезе во персискиот.

Приказната за терминот „tea“ е малку поинаква. Кинескиот знак за чај - 茶 - се изговара различно во различни варијанти на кинескиот, иако се пишува исто во сите. Во денешниот мандарински е „chá“, но во верзијата на кинескиот што се зборува во крајбрежната област на Фуџјен знакот се изговара „te“. Овде „крајбрежен“ е клучниот збор.

„Te“ формата што се користела во јазиците од кинеското крајбрежје се проширила до Европа, преку Холанѓаните, кои станале главни трговци на чај меѓу Европа и Азија во 17 век. Главните холандски пристаништа во Источна Азија биле Фуџјен и Тајван, две места каде што луѓето чајот го нарекувале „te“. Увозот на чај во Европа од страна на холандската источноиндиска компанија ни ги донел француското „thé“, германското „Tee“, и англиското „tea“.



Фото: Unsplash

Но, Холанѓаните не биле први што пристигнале во Азија. Честа им припаѓа на Португалците, кои му го дале колонијалното европско име на Тајван, Формоза. A Португалците не тргувале преку Фуџјeн, туку преку Макао, каде што се користи „chá“. Затоа на мапата Португалија е розова точка во морето од сини точки.

Малку јазици имаат сопствени зборови за чај. Овие јазици генерално се зборуваат на места каде што чајот расте природно, па локалното население си смислило сопствени називи. На пример, на бурмански ливчињата чај се нарекуваат „lakphak“.

Штотуку научивме нов збор во речиси секој јазик на планетата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот