X
 30.01.2015 Култура

Колку зборови имаат Ескимите за снегот?

Има три одговори на ова прашање: многу, не толку многу и навистина многу. Или, доколку сакате поспецифично: 5,2 и 99. Збунети сте?

За почеток, треба да знаете дека нема само еден јазик кој го зборуваат Ескимите. Еским е термин за луѓето од племето Инуити и Јупик кои живеат во поларните региони во Алјаска, Канада, Гренланд и Сибир. Тие зборуваат повеќе јазици, а најзборуван е централноалјаскинскиот јупикски јазик, покрај западногренландскиот и инуктитутскиот. Секој од јазиците има повеќе дијалекти. Некои имаат повеќе зборови за снег од останатите.

Многу

Во јавноста постои мислење дека Ескимите имаат повеќе зборови за снегот бидејќи гледаат различно на него. Во книги стари неколку векови се споменува дека во поларните региони има повеќе зборови за снег, 5, 7 или 8, како и за други концепти.

Не толку многу

Јазиците кои ги зборуваат овие племиња се полисинтетички. Ваквите јазици комбинираат корени и зборовни завршетоци за да создадат неограничен број зборови. На пример, од oqaq - збор за јазик, добивате oqaaseq (збор), oqaluppoq (зборува), oqaatiginerluppaa (зборува лошо за некого). Овие може да бидат и проширени со дополнителни завршетови. Појасно кажано, Ескимите немаат само многу зборови за снег, ами за сè: Доколку ги погледнеме корените кои Ескимите ги користат за да зборуваат за снегот, тогаш во случајот со западногренландскиот јазик одговорот е два: qanik (снег во воздухот) и aput (снег на земјата). Од овие се создадени и зборови како qanipalaat (грутки снег кои паѓаат).

Навистина многу

Лингвистот К. Давид Харисон патувал околу светот истражувајќи ги загрозените јазици. Во една книга, тој зборува на оваа тема. Племето Јупик, на пример, „разликува и именува најмалку 99 различни морски форми на мраз“.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура