X
 21.03.2021 Наша тема

Никој не е залепен за столчето. Од Шведска до Бразил - на овие функционери не им беа простени корона-скандалите

Веќе една година коронавирусот го тресе целиот свет. Пандемијата ни ги отежна и приватниот и професионалниот живот, ни ги спои двата заедно, а не мал број луѓе останаа без работа. Во повеќето случаи причината за останување без работа е економската криза, која се појави како последица на затворањето на многу бизниси поради рестрикциите наменети за запирање на ширењето на вирусот, но губењето работни позиции во многу земји не ги одмина ни високите функционери.

Можеби најпогодени минатава година во светот беа министрите за здравство, во кои најчесто се бараше вината за справувањето со пандемијата или со набавката на вакцини. Според она што можевме да го посведочиме во последните 12 месеци, министрите за здравство се тие што го понесоа најтешкиот товар, а во некои земји тој товар очигледно станал претежок.

Патување во време на корона-криза, скандали со набавка на вакцини, вакцинирање преку ред се само некои од причините поради кои функционери во земји како Словачка, Шпанија, Аргентина, САД и многу други мораа да се повлечат. Направивме краток преглед на оставки на високи државни функционери поднесени само во последниве неколку месеци, но ќе се навратиме и на некои од минатата година. Листата е долга и најверојатно може уште да се прошири.

Ќе започнеме од најблиските, Европејците.

Последниот скандал во Европа доаѓа од Норвешка, каде што се затресе премиерското столче. Имено, премиерката Ерна Солберг, е под истрага по откритијата дека таа и нејзиното семејство ги прекршиле рестрикциите на земјата поради пандемијата, соопшти тамошната полиција, а пренесе „Гардијан“.

Солберг го собрала своето семејство во скијачкиот центар Геило за нејзиниот 60-ти роденден на крајот од февруари, прекршувајќи ги рестрикциите и препораките за ограничување на социјалните интеракции, па полицијата решила да почне истрага.

Солберг во четвртокот вечерта во објава на нејзиниот профил на „Фејсбук“ се извини за грешката.

Тринаесет члена на семејството на Солберг вечерале во ресторан на 25 февруари – во нејзино отсуство бидејќи таа морала да оди во болница – иако правилата го ограничуваат бројот на луѓе што може да присуствуваат на приватен настан на јавен простор на 10. Норвешката премиерка и нејзините роднини прекршиле и друга препорака следниот ден со тоа што 14 лица, четири повеќе од дозволеното, биле да јадат суши во нејзиниот стан.

Извештаите предизвикаа силни реакции на социјалните мрежи, а некои повикаа на нејзина оставка.



Пред неколку дена министерот за здравство на Словачка, Марек Крајчи, најави дека се повлекува од функцијата во договор за да се разреши политичката криза поради набавката на руската вакцина против коронавирусот, која стана закана за опстојувањето на словачката владина коалиција. Оставката на Крајчи беше побарана од две од четирите партии во владината коалиција на земјата, која е меѓу најтешко погодените во Европската Унија.

- Две партии во коалицијата ја направија мојата оставка услов за да останат во коалицијата. Во таква ситуација, мислам дека нема поента за расправа. Не сум залепен за столчето - истакна Крајчи.

Марек Крајчи / Фото: Wikipedia

Тој беше критикуван за справувањето со пандемијата, а кризата беше предизвикана од таен договор за набавка на руската вакцина, организирана од страна на премиерот Игор Матович и покрај несогласувањето од неговите коалициски партнери. Матович застана во одбрана на договорот за купување 2 милиона дози од руската вакцина, истакнувајќи дека така ќе се забрза вакцинацијата. Но, од партијата Слобода и солидарност истакнаа дека набавката фрла сенка на чистата прозападна ориентација на земјата. Партијата ги спои силите со другиот коалициски партнер, Партијата за народот, за да побара реконструкција на владата.

Во Австрија неуспехот во набавката на сите достапни вакцини на „Бајонтек/Фајзер“ доведе до оставка на Клеменс Оер, координатор за набавка на вакцини.

Во Германија 34-годишниот Николас Лебел, пратеник од конзервативната партија на Ангела Меркел, поднесе оставка по сè поголемите критики за неговата улога во контроверзни договори за набавка на маски.

Во Шпанија во јануари оставка поднесе тогашниот министер за здравство Салвадор Ила за да учествува во парламентарни избори во Каталонија, што беше критикувано зашто оставката беше поднесена среде третиот бран на коронавирусот. Во меѓувреме, високиот шпански генерал Мигел Анхел Виљароја поднесе оставка откако беше известено дека тој и други лица ги прекршиле националните протоколи за стратегијата на вакцинација. Имено, неколку јавни службеници не го почитувале редот за вакцинирање и покрај тоа што не спаѓале во приоритетните групи за имунизација. Меѓу нив беше и висок здравствен службеник од Мурсија, кој исто така си поднесе оставка.

Мигел Анхел Виљароја / Фото: Wikipedia

Пред неколку месеци оставка поднесе и словенечкиот министер за здравство, Томаж Гантар, но поради политички причини. Тој се откажа од функцијата откако неговата партија ја напушти владејачката коалиција во знак на протест поради популистичките политики на премиерот Јанез Јанша.

Дан Елијасон, шеф на Шведската агенција за цивилна заштита, поднесе оставка во јануари откако беше критикуван затоа што отпатувал на Канарските Острови за време на божиќните празници за да ја посети својата ќерка и покрај препораките на владата да не се патува.

Шведската агенција за цивилна заштита испрати изјава во која пишуваше дека нивниот шеф сметал дека патувањето на 30 декември било од лична важност.

Иако не го прекрши законот, патувањето на Елијасон предизвика гнев и негодување меѓу шведските граѓани особено затоа што на почетокот од декември неговата агенција им испраќаше СМС-пораки на шведските граѓани повикувајќи ги да не патуваат во странство.

3
Дан Елијасон/Wikipedia

Во март 2020 година романскиот министер за здравство Виктор Костаче поднесе оставка, во време кога земјата почна со борбата против коронавирусот.

- Ја видов оставката и ќе му ја испратам на претседателот Калус Јоханис, кој ќе издаде декрет за ослободување од функцијата. Навистина жалам за неговата оставка, но од друга страна, сфаќам и му благодарам за добрата соработка - изјави премиерот, без да наведе повеќе причини за оставката на Костаче.


4
Виктор Костаче/Screenshot/YouTube

Во април минатата година, откако двапати излегла за време на полициски час воведен за да се спречи ширењето на коронавирусот, Кетрин Калдервуд поднела оставка од позицијата главна советничка за здравство на Шкотска, пренесе Би-би-си. Калдервуд се извинила за прекршоците и на почетокот изјавила дека планира да остане на позицијата, но набргу поднела оставка бидејќи сметала дека фокусот на нејзините прекршоци може да го одвлече вниманието на јавноста од здравствените мерки.

Калдервуд била фотографирана како патува за време на полициски час, а подоцна признала дека го направила тоа уште еднаш.


Фото: Кетрин Калдервуд/Wikipedia

Оставките не се непознато нешто ни преку океанот, во Америка. Така, докторот Скот Атлас дал оставка во декември од функцијата специјален советник на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, по повеќе контроверзии за кои бил критикуван од јавноста, пренесе „Алџезира“. Меѓу другото, тој не се согласувал со други членови на тимот одговорен за справување со пандемијата и бил против некои мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот.
 

Фото: Скот Атлас/Wikipedia

Атлас, кој е неврорадиолог без искуство со заразни болести или епидемиологија, бил назначен за советник на Трамп во август минатата година. Антони Фаучи, главниот експерт за заразни болести во САД, и други експерти го критикувале Атлас дека му давал неточни информации за пандемијата на Трамп и не ја посочил доволно ефикасноста на маските за лице и задржувањето на физичката дистанца помеѓу луѓето.

Во февруари оваа година шефот на најголемиот пензиски фонд во Канада, Марк Мејчин, поднесе оставка откако ги занемари советите за јавното здравје и патуваше во Дубаи за да се вакцинира против Ковид-19. Иако патувањето во странство не е спротивно на законот, Канаѓаните беа советувани од владата да избегнуваат меѓународни патувања. Патувањето на Мајчин беше во време кога повеќето Канаѓани чекаа да ги добијат првите дози вакцини. Не е јасно како Мејчин, британски државјанин, без јасни врски со ОАЕ, бил во можност да се вакцинира со вакцина наменета за жители на ОАЕ.

1
Марк Мејчин/ Wikipedia

Пред него, во јануари 2021 година, осум канадски политичари поднесоа оставка откако патувале на меѓународно ниво за време на божиќните празници и покрај советите на владините претставници да се избегнуваат несуштински патувања за време на пандемијата.

Од Северна, се селиме во Јужна Америка, каде што слободно можеме да заклучиме дека оставките на високи функционери поврзани со коронавирусот се најмногубројни.

Така, месецов Бразил го добива својот четврти министер за здравство од почетокот на пандемијата. Претседателот Жаир Болсонаро му ја доделил улогата на Марсело Кеирога, кардиолог, кој го заменил генералот Едуардо Пазуело, кој бил министер помалку од една година. Пазуело бил критикуван поради недостигот на вакцини против коронавирусот, а претходно бил дел од истрага за недостиг на кислород во болниците. Тој изјавил дека не побарал да си оди, туку тоа ќе го направи кога ќе одлучи претседателот, пренесува Си-ен-ен.

Пред Пазуело, министер бил онкологот Нелсон Тејк, кој бил на позицијата помалку од еден месец и дал оставка поради несогласувања со Болсонаро. Претходно министер за здравство бил Луиз Енрике Мандета, кој барал да се воведат мерки за дистанцирање, но бил отпуштен од Болсонаро поради несогласувања за стратегијата за борба против коронавирусот на Бразил.


Фото: Едуардо Пазуело/Wikipedia

Аргентинскиот министер за здравство Гинес Гонзалес Гарсија минатиот месец си поднесе оставка по известувањата дека жители на оваа јужноамериканска земја користеле врски за да можат преку ред да се вакцинираат против Ковид-19. Во соопштение објавено на „Твитер“, Гарсија истакна дека некои лица биле во можност да ги заобиколат процедурите за вакцинација поради „ненамерна забуна“ во неговата канцеларија додека тој бил отсутен, пренесе „Алџазира“

- Одговарајќи на вашето експресно барање, ја приложувам мојата оставка од позицијата министер за здравство - истакна Гарсија во писмото упатено до аргентинскиот претседател Алберто Фернандез, кој ја побара оставката од министерот.

Скандалот во Аргентина изби откако тамошен новинар истакна дека примил вакцина откако директно зборувал со министерот.

Гинес Гонзалес Гарсија / Фото: Twitter

Но, Аргентина и Бразил не се единствените земји во Јужна Америка што се соочија со скандали поврзани со вакцините против коронавирусот.

Во Перу минатиот месец оставки си поднесоа и министерката за здравство Пилар Мацети и министерката за надворешни работи Елизабет Астете. Причината за тоа беа известувањата дека стотици владини службеници, меѓу кои и поранешниот претседател Мартин Визкара, се вакцинирале пред вакцините да бидат достапни за широката јавност.

Визкара истакна дека не се вакцинирал преку ред, туку дека тоа било дел од испитување. Локалните медиуми го ставија тоа објаснување под знак прашалник.

Еквадор е уште една земја во Јужна Америка во која годинава имаше оставки на високи функционери поради некаква причина поврзана со пандемијата.

Тамошниот министер за здравство Хуан Карлос Зевалос поднесе оставка во јануари по обвинувањата за нерегуларности во пилот-програма за вакцинацијата против коронавирусот која владата ја започна на почетокот од годинава, пренесе Ројтерс.

На почетокот на овој месец, претседателот на Парагвај, Марио Абдо Бенитез, изјави дека ги разрешил министрите од три сектори: образование, права на жени и граѓански работи откако избувнаа насилни протести поради постапувањето на владата со пандемијата. Неколку дена претходно, пак, министерот за здравство сам си поднесе оставка.


Претседателот на Парагвај, Марио Абдо Бенитез/ScreenshotYouTube

Но, вакцините и прошетките не се единствените причини за губење на функционерското столче.

Во февруари оваа година австралискиот пратеник Крег Кели, кој често промовираше теории на заговор поврзани со пандемијата, ја напушти конзервативната владејачка партија. Кели, кој е член на Либералната партија на премиерот Скот Морисон, постојано ги користеше социјалните мрежи и парламентот за да ја доведе во прашање безбедноста на вакцините, да се спротивстави на заклучувањето и да промовира недокажани третмани за вирусот.

2
Крег Кели/Screenshot/YouTube

Во јули минатата година министерот за здравство на Нов Зеланд, Дејвид Кларк, поднесе оставка по критики за мерките на владата и откако тој ги прекрши, извести Би-би-си. Кларк ги прекршил мерките за ограничено движење за да оди на плажа со семејството, а подоцна целата влада беше мета на критики за пропусти на локациите на кои се изолирале лицата што пристигнувале во земјата. При својата оставка Кларк изјави дека ја презема одговорноста за сите одлуки донесени во министерството и дека неговото останување на позицијата би ја оштетило работата на владата во справувањето со пандемијата.

Компилацијата ќе ја завршиме со една азиска земја, Јордан, каде што пред неколку дена министерот за здравство Натир Обедијат поднесе оставка откако најмалку шест пациенти починале на одделот за борба против Ковид-19 во болница поради недостиг на кислород. Пациентите починале во болниците во градот Салт, по што премиерот наредил истрага и побарал од министерот за здравство да поднесе оставка. Државните медиуми потврдија дека оставката е поднесена.

Во февруари, пак, јорданскиот крал Абдула Втори ја прифатил оставката на министерот за внатрешни работи и на министерот за правда откако ги прекршиле мерките за претпазливост во борбата против Ковид-19.

Оставките следуваа откако премиерот Бишр ал-Касавне побарал од овие министри да поднесат оставка бидејќи двајцата присуствувале на церемонија каде што бројот на присутни бил над максималниот дозволен број.

jordan
Министерот за здравство, Натир Обедијат/Twitter
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски | Драгана Петрушевска | Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема