Кина разви плазма за лекување пациенти заразени со новиот коронавирус (Ковид-19), соопшти денеска кинеската национална групација Биотек.
Компанијата соопшти дека тие собрале плазма од излекувани пациенти за подготовка на терапевтски производи, вклучително и конвалесцентна плазма и имунолошки глобулин, пренесува Меѓународното кинеско радио.
По ригорозните тестови за биолошка сигурност на крвта, тестови за инактивација на вируси и антивирусни активности, кинеските научници успешно развија конвалесцентна плазма за клинички третман и ја искористија за лекување критички болни пациенти, соопшти Биотек.
Како што се наведува, компанијата формира тим кој од 20 јануари користи специјализирана опрема за собирање плазма од излекувани пациенти во Вухан.
Тројца критично болни пациенти во болницата во областа Џијангки во Вухан добиле третман со плазма на 8 февруари, а во моментов повеќе од 10 критично болни пациенти се лекуваат на ист начин, велат од компанијата.
Според клиничките резултати, по 12 до 24 часа откако пациентите го примиле третманот забележани се подобрени клинички симптоми, при што главните показатели за воспаление биле значително намалени, а некои клучни индекси, како што е заситеност на крвта со кислород, се значително подобрени.
Извор: МИА