X
 21.04.2018 Култура

Доктори на науки потпросечно платени: Се срамам да кажам колкава ми е платата

Имам најголеми обврски и кривични одговорности кон културното наследство, а на хартија се водам на најниската ставка затоа што звањето не ми е признаено. Поразително е да кажеш дека си постигнал сè на релативно млади години, дома и во странство си ги собрал сите можни дипломи и ништо не ти е признаено. Очајно е, вели Сања Ивановска-Велковска, археолог, конзерватор-советник, доктор на науки


Кријам колкава ми е платата зашто се срамам да кажам, особено кога разговарам со колеги од други институции. Имам најголеми обврски и кривични одговорности кон културното наследство, а на хартија се водам на најниската ставка затоа што звањето не ми е признаено. Колегите од Словенија имаат петпати повисока плата од мене. За тие во најразвиените земји во Европа не сакам ни да зборувам...


Сања Ивановска-Велковска, пред црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричино

Д-р Сања Ивановска-Велковска е археолог, конзерватор-советник, доктор на науки. Работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје (државна институција) од 2004 година, а зема потпросечна плата. Вели дека е тешко да се дефинираат сите тешкотии со кои се соочуваат вработените во институциите од областа на заштитата на културното наследство, но не се откажуваат. Ова е нејзината приказна.

Од 2004 година работи во Националниот конзерваторски центар, прво била ангажирана со договор на дело, од 2007 година е вработена на определено време, а од 2010 година - на неопределено време. Во 2005 година магистрирала, а во 2011 година добила звање виш конзерватор. Во 2014 година станала доктор на науки и истата година го стекнала звањето кустос-советник.


На еден од терените

- До денес ништо од тоа не е валоризирано. Во платните списоци сè уште примам плата на најнискиот степен - како конзерватор, додека сите работни задачи, обврски и кривични одговорности ги имам според стекнатото звање од Министерството за култура – советник конзерватор – вели таа.

Немаат теренски дневници, ни надоместоци за одвоен живот

Финансиски, разликата во платата е 2-3 илјади денари, но генерално примањата се толку ниски, што и со добиената разлика платите би се вртеле некаде околу просекот во Македонија. Борбата е за статусот – да им се признае валоризирањето на звањата.

- Искуството што го има еден обичен конзерватор и работните обврски се далеку на понизок развоен степен од она што го води еден советник. Конзерваторот-советник ги извршува најсложените работни задачи и има огромна кривична одговорност во својата работа. Ако тоа не се валоризира барем на хартија, и тие некои минимални покачувања на платите, тогаш која е поентата – прашува Ивановска-Велковска.


Проблем не се само звањата, туку целокупната состојба. Со колегите на терен

Според неа, ова е системски проблем кој опфаќа институции од културата, особено тие што се занимаваат со културно наследство – музеите, заводите, конзерваторските центри, библиотеките. Таа објаснува дека валоризација на звањата немало од 2009 година, кога беа воведени антикризни мерки и се забрани какво било зголемување на плата или поместување на работните места. Според Ивановска-Велковска, никој нема објаснување зошто антикризните мерки и по девет години се важечки во овие институции. Преку Синдикатот на културата на Република Македонија, во кој активно членуваат голем дел од овие институции, се обиделе да добијат одговор.

- Не се во прашање само нашите звања, туку целокупно, сите финансиски импликации за нашата работа – теренски патувања, теренски дневници за одвоен живот, ништо од тоа не добиваме. Платите во нашата област отсекогаш биле ниски во споредба со другите, и тоа е факт. Но, ние како стручен кадар секогаш сме можеле да заработиме плус бидејќи нашата работа никогаш не била институционална, секогаш била теренска. И парите што сме ги добивале за теренска работа биле доволни за да имаме попристојни плати. Од 2009 кога се укинаа сите дополнителни исплати, ние останавме на најниското скалило на сиромаштија - вели таа.


Имаат најголеми обврски и кривични одговорности, а почетнички плати

Од сите институции што се занимаваат со култура во земјава околу една третина се од областа на културното наследство. Се претпоставува дека се околу 1.000 луѓе, од кои 50 отсто се од стручните кадри кои имаат право на стекнување стручни звања - кустоси, библиотекари, вработени во конзерваторски центри или документатори.

Очајно е, но ќе се бориме

За да се реши проблемот, прво треба да се направи нивелација во сите институции, бидејќи се случува двајца археолози во иста институција да земаат различна плата, а имаат идентични обврски. Проблемот е што во различно време биле вработени. Се случува вработени во матични национални установи да имаат пониски плати од локалните.

- Кога ќе се направи валоризација на звањата, ќе се направи точна градација и она што е заслужено ќе биде и финансиски валоризирано. Но, и со нивелациите и корекциите, платите на носителите на дејност ќе бидат повторно на државниот просек. Тоа е фрапантно во споредба со музичката или театарската дејност. Советниците се врвот во дејностите во институциите, без разлика дали се кустоси, конзерватори или библиотекари, и тие се носители на комплицираните и најсложени работни задачи. За споредба, тоа се првенците во театрите. Разликата во платите е речиси двојна - на пример 22.000 денари наспроти 44.000 денари, најчесто и повеќе. Нашиот стремеж е да ги донесеме нашите советници поблиску до врвот во другите дејности, барем до диригенти или првенци. Таква тенденција се гледа и во новиот колективен договор што го подготвува Министерството за култура, а ние како стручни лица учествуваме во неговото креирање – објаснува Ивановска-Велковска.


Теренските активности веќе девет години не им се плаќаат

Иако научната титула не се валоризира (преку плата), ја прашуваме како еден доктор на науки се чувствува кога работи најодговорна работа, а зема потпросечна плата.
- Некогаш се срамам, особено кога ќе се сретнам со колеги од други институции. Кријам колкава ми е платата. Срамота е да се каже дека си достигнал врв на сите полиња, а сè уште си некаде на маргините. Поразително е да кажеш дека си постигнал сè на релативно млади години, дома и во странство си ги собрал сите можни дипломи и ништо не ти е признаено. Очајно е. Но, се бориме, притискаме и ќе продолжиме. Протестиравме и ќе продолжиме да го правиме тоа, ќе излегуваме во јавноста за да ги добиеме правата што сме ги заслужиле – вели таа.

За споредба, ако еден конзерватор во Македонија има 300 евра плата, нејзините колеги од Словенија би имале 1.500 евра.
- Со Германија, Франција, Велика Британија, малку е потешко да се спореди, во зависност од институцијата доаѓаат и обврските што ги имаат. Кога се работи за матична установа, некаде оди и 1:10, ако е тука 300 евра, таму би имал 2.500-3.000 евра плата. Со тоа што секоја теренска и сите други активности надвор од установата дополнително се плаќаат – вели таа.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура