X
 25.03.2022 Образование

Лани сме добиле 1.976 нови магистри и специјалисти и 201 доктор на науки

Во 2021 година звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.976, а звањето доктор на науки го стекнале 201 граѓанин на Македонија.

Во 2021 година звањето магистер на науки и специјалист го стекнале вкупно 1.976 граѓани на Македонија, од кои 1.727 или 87,4% се магистри и 249 или 12,6% се специјалисти, соопшти Државниот завод за статистика. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2020 годинa, е зголемен за 12,4%.

Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2021 година е 59,6%.

Во 2021 година најголем број од магистерските трудови, 558 или 32,3%, се од областа на бизнисот, администрацијата и правото, 22,2% се од областа на општествените науки, новинарството и информирањето, следуваат инженерството, производството и градежништвото со 15,9%, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

Магистри 2021
Фото: Државен завод за статистика
(за поголема резолуција, кликнете на фотографијата)

Анализата на податоците според тоа на кој универзитет биле одбранети најмногу магистерски трудови покажува дека на првото место е најголемиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје со вкупно 633 нови магистри. Во рамките на овој универзитет најмногу лица магистрирале на Правниот факултет, со 190 нови магистри, а потоа следуваат Економскиот факултет со 85 нови магистри, Архитектонскиот со 71, Филозофскиот со 49, Градежниот со 43 итн.

На второто место е ЈИЕ Универзитетот во Тетово со 243 нови магистри, најмногу по јазици, култура и комуникации.  Универзитетот во Тетово е на третото место со 156 нови магистри, а по него следува Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје со 144 магистрирани лица во 2021 година. На Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола во 2021 година магистрирале 113 лица, додека на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе магистрирале 112 лица, а на Универзитетот АУЕ-ФОН во Скопје 83.

Во однос на специјалистите, најмногу излегле од Универзитетот „АУЕ-ФОН“, вкупно 86, Бизнис-академијата „Смилевски“ (61) и од УКИМ (33).

Фото: Државен завод за статистика

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2021 година звањето доктор на науки го стекнале 201 лице, што претставува зголемување за 15,5 % во споредба со 2020 година. Најголем број од лицата докторирале во областа на здравство и социјална заштита, 23,4%, потоа на општествени науки, новинарство и информирање докторирале 17,4%, следуваат бизнис, администрација и право со 15,9%, уметност и хуманистички науки со 11,4%, а останатиот дел од областите се со помал процент на застапеност.

115 жени одбраниле докторска дисертација во текот на 2021 година, што претставува 57,2% од вкупниот број лица што докторирале во истата година.

Најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 30,8% ја вршат својата професија во образовната дејност.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование