X
 21.05.2018 Наша тема

По што ќе ја паметам матурата: Бојкот, слобода, хаос, лоши, добри, одлични оценки!

Анкетиравме средношколци од четири гимназии од Скопје, Кратово и од Прилеп со нас да споделат што е за нив матурата и по што ќе го паметат средното образование




Матурата претставува преувеличен настан за кој непотребно се крева фама, завршување на еден период кој е мал чекор на патот кон осамостојувањето и успехот во животот. Најубав период во животот, полн со многу дружење. Близок пријателски однос со сите професори, што го олеснуваше учењето. Екскурзија во трета година кога секој си е во свој филм, но сепак цела генерација е заедно и се случуваат убави работи – ни напиша матурантка од средното училиште „Орце Николов“ од Скопје.
 
Ви ги споделуваме размислувањата на нејзините соученици, кои заедно со класната раководителка Ивана Лазеска ги изодеа минатите четири години.
- Матурата претставува завршување на еден сегмент од нашиот живот и почеток во кој стануваме свесни за нашето постоење и се смета дека сме изградени како личности и покрај тоа што сѐ уште не можеме да се справиме со одлуките и несигурностите. Средното ќе го паметам најмногу по бојкотот во прва година на средношколскиот пленум и екскурзијата во Прага во трета. „Орце“ како училиште ми помогна да пораснам како личност со тоа што во текот на овие 4 години бев опкружена со пријателски настроени професори, приказни и анегдоти, како и тестови.

- Крајот на најубавиот период досега. Вечер во која сите ученици и професори ќе се собереме за последен пат и ќе се поздравиме за сите убави и грди, среќни и тажни „орцашки“ моменти кои нѐ изградиле да бидеме луѓето што сме. Ќе го паметиме по сите муабети со учениците, по сите часови на кои сум чекала да им дојде крајот, но пред сѐ на оние на кои сум уживала да седам. Фабулата на моето искуство во средно е бојкот, слобода, хаос, лоши оценки, добри оценки, одлични оценки, Бела и АБЦ, екскурзија и „Конект“.

Матуранти од кратовската гимназија

Гимназија „Митко Пенџуклиски“ – Кратово
 
Благодарение на професорот Оливер Арсовски, ги слушнавме и средношколците од кратовската гимназија.

- Завршувањето на средното образование кај нас, како и во најголем број земји во светот, се совпаѓа со полнолетството, а претставува и пресвртница во животот на младиот човек. Затоа е потребно средното образование да заврши со полагање матура како вид потврда за способноста на ученикот за самостојно продолжување на личниот и професионален живот. Матурата е само крај на нашите средношколски денови, но и еден нов почеток, нови идеи, нов избор за она што нѐ очекува понатаму - вели Симона Спасовска.

- Матурата е крај на еден почеток. Средношколските денови се најубави. Тука стекнуваме знаења, искуства кои ќе ни помогнат во животот - ни напиша Мартина Ристовска.

- Матурата е процес кој е многу значаен за нашиот живот. Таа е еден долг пат кој на крај нѐ прави зрели личности, ни завршува безгрижноста и влегуваме во светот на возрасните и во светот на грижите. Средношколските денови се најубави денови во животот. Тука, освен новите знаења, вештини и искуства, се запознаваме со нови пријатели и со нивните животи. Заедно ги поминуваме и лошите и добрите моменти меѓусебно. Тука овие денови нѐ соочуваат со многу препреки што нѐ учат да бидеме издржливи и да се стремиме да успееме -вели  Бојана Тимова.

- Матура е процес на созревање на личноста. Со завршувањето на матурата се определуваме кон нови предизвици во животот. Премин од еден безгрижен свет во свет со поголеми обврски и задолженија - вели Александар Тасков.

- Средношколските денови се најубавите и безгрижни денови исполнети со многу дружба и забава. Матурата е многу значаен дел во образовниот процес во многу земји во светот.

Исто така, со овој процес нѐ сметаат за возрасни луѓе. После неа ние се наоѓаме на важен крстопат во нашиот живот каде што треба да го избереме она што најмногу го сакаме. Матурата не претставува крај, туку почеток на нови животни цели и идеи - раскажува Ивана Петковска.

- Матурата е завршувањето на прекрасни четири години. Едни најубави години на секој човек. Овој период претставува симбол на мали лудории. Со овој процес нѐ сметаат за повозрасни, позрели личности. Таа е крај на еден нов почеток, на нови искуства. Завршната четврта година не претставува крај, туку нови предизвици. Таа вечер секој ја доживува како посебна во својот живот. Во иднина нѐ очекуваат нови знаења, искажување свои мислења, идеи, запознавање нови пријателства - вели Катерина Филиповска.

Ќе го паметиме средното по сѐ што научивме за градежништвото - ученици од „Здравко Цветковски“

Кратки и јасни беа матурантите од градежното училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје, ученици на професорката Емилија Димитрова.

- Матурата е крај на средното образование и воопшто задолжителното образование. Тоа е испит кој ни е потребен само за прием во високо образование, тестирање на целокупното знаење. Матурата е нервоза, проблеми и главоболки поради испитите – велат матурантите од ГУЦ.
По што ќе ја паметат:
- По тоа што го научивме за градежништвото. По дружбата со класот. По првата љубов! По дружењето со другарите и другарките (посебно со една другарка). Четири години поминати во учење. По другарите што ги запознав во текот на овие четири години и, секако, екскурзијата беше нешто што ќе го паметам цел живот.


Прилепските средношколци нѐ поздравија со поема

А средношколците од гимназијата „Мирче Ацев“, од класот на проф. Ружа Наумоска-Ангелеска, ни одговорија креативно:

Ave, amice!

Ах, НЕ! Проклети да сме, се разделуваме!
„Како да се биде иден академски граѓанин, прашањето е сега?”
Значи, следуваат резултатите:
-Легни си, сонувај за Америка;
-Падни од кревет, расони се;
-Стани, сонувај за Америка;
-Прашај „колку калории има“, па јади Hello! соленки;
-„Испечи, па речи“: Се вика pancakes зашто во pan се прави cakes“ – Зиги;
- На одмор седни и смачкај една банана.
- Аctually, не-„смачкај“ и една тиква.
Од пофилозофска страна гледано, гледај ги ѕвездите на небото и барај го метрото кое ќе те одведе до искажување на твојот борбен став, јасно и гласно;
- па изморена од ова, Цвете ќе земи карамеле и не прашува колку калории има, па дури и појди во теретана и докажи дека има кој да тепа непослушни;
-најди невообичаен подарок за Secret Santa и воодушеви ги останатите беше предизвик за Давид
-посети ги Земун и Загреб
-во слободно време цртај, додека Ајша го гледа светот низ објектив, Исидора пишува, а останатите се смееја на вицот пред да биде кажан.
Ајде уште две години ќе седниш и ќе траеш, а нас во глава ни се врти само - „Како знаеш“.
Секој час не случајно ни се сугерираше, но нас чопоративно во глава ни се повторуваше.
Физика секој час лекција нова, а ние викавме „Ах шо ме нервира ова“. На секој професор омилени пет минути му бевме, но набрзо гимназијата со VIP ја заменивме. Саботни импресии секој понеделник споделувавме и меѓу себе тајните си ги разменувавме.
И Фросе знаеше да рече:
- Живеам, умирам, се преродувам и барем за македонски не се секирам, а Ивана од искуство тврдеше дека на почетокот беше претешко, ама на крајо е преубо...
Меѓутоа, сите знаеме вешто - кратко ќе трае ова нешто. Главниот проблем денес е амбиција, а фала богу ние ја имаме многу. За година-две, ќе мине сѐ, а ние сите до еден на врвот ќе сме. Тогаш, успешни зрели и за малку посмели, авантури ќе се бројат и спомените во срце ќе стојат. Некој Словенија, Лео - Америка, некој во метро, а некој трето, некој ваму, некој таму - едно е чисто, светот нема да е место исто.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема