X
 11.10.2020 Здравје

Еден вид вежбање позитивно влијае врз 6 функции на мозокот

Редовното вежбање се смета за една од најдобрите алатки со кои располагаме за да спречиме појава на болести и да живееме долг живот. Вежбањето го зајакнува имунолошкиот систем и го штити менталното здравје. Според ново истражување, вежбањето може и да ве направи попаметни.

Научниците анализирале 13 различни истражувања за вежбањето и когнитивната работа и откриле дека интензивното аеробно вежбање позитивно влијаело врз 6 мозочни функции, меѓу кои концентрацијата, учењето и помнењето кај младите испитаници. Ефектот бил присутен до два часа по вежбањето.

Питер Блумстранд, еден од авторите на истражувањето, вели дека вежбањето нѐ прави среќни, фокусирани и паметни.


Фото: Pixabay

Истражувачите анализирале податоци на лица на возраст од 18 до 35 години што биле собрани од истражувања објавувани од 2009 до 2019 година. Во нив испитаниците возеле велосипед, пешачеле или трчале, а по вежбањето правеле невропсихолошки тестови за учење, помнење и работа на мозокот.

Биле забележани следните позитивни ефекти од вежбањето: подобрено помнење, подобро планирање и решавање проблеми, подобра концентрација, подобро долгорочно помнење, подобра работна меморија и подобро вербално изразување.

Блумстранд вели дека сите 13 истражувања покажале слични резултати. Според откритијата, дури и кратки сесии на вежбање може да имаат позитивни ефекти врз работата на мозокот, а долгорочно, луѓето што вежбаат редовно забележуваат поголеми ефекти од вежбањето. Блумстранд советува да се прават аеробни вежби неколку пати неделно.

Автор: Али Патило
Извор: inverse.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје